По жалба на Специјалното јавно обвинителство дека на координаторот на пратеничката група на ДУИ Ејуп Аљими не му беше одредена мерка притвор, почна јавната расправа во Апелациониот суд Скопје. СЈО изнесе факти во жалбата дека обвинетиот, користејќи ја политичката моќ што ја има, може да влијае врз тројцата сведоци во случајот “Титаник 3”, каде обвинет за уништување изборен материјал, покрај Аљими е и Исмет Гури, член на Општинската изборна комисија Чаир.
Обвинителката Фатиме Фетаи го корегираше тричлениот кривичен совет на Апелациониот суд Скопје дека го чита решението на Основниот суд Скопје 1, каде е направена грешка. Таму е наведено дека од Ејуп Аљими има опасност дека ќе влијае врз сведоците, а судот извртел дека СЈО за второобвинетиот Исмет Гури го тврдело тоа.
Па Фетаи прочита изјава од истрагата од сведок: „Мене ми беше и уште ми е страв за мојата и безбедноста на моето семејство. Се работи за луѓе кои имаат многу моќ и се влијателни секаде”.
Другиот сведок, според Фетаи, навел дополнително и оти овие многу моќни луѓе од ДУИ, не бираат средства за одмазда.
„Нема основа за мерка притвор, а ни за друга мерка на претпазливост, зашто јас сум тука за целата постапка. Како правник, должност ми е тоа, како што ни е должност и да му служам на ова општество”, рече Аљими.