Утревечер, жителите на Тафталиџе симболично ќе ја гушкаат гаражата на улица Букурешка, која Општина Карпош најави дека ќе ја урива за да направи пристапен пат до парцела каде што како сопственик е и поранешниот министер за образование Спиро Ристовски. На овој начин, семејството Петковски, сопственици на гаражата и земјиштето под гаражата, како и нивните соседи сакаат да го покажат револтот од ирационалните проекти на локалната власт.
„Добивме голема поддршка од сите соседи. Сите стравуваат дека она што сега ни се случува нам, утре може да им се случи и ним. Општината сака да ни одземе дел од имотот за да го подари на друг, немаме никаква правна сигурност“, вели Мартин Петковски, сопственик на гаражата.
На протестот утревечер од 19 часот, соседите ќе имаат можност со оставање отпечаток од рака на гаражата да дадат поддршка на семејството Петковски во борбата за заштита на сопствениот имот
За гаражата на семејството Петковски случај отвори и Народниот правобранител. Од таму најавија дека решението за урвање на гаражата ќе го разгледаат од сите можни аспекти.
Семејството Петковски, сопственици на куќата и на земјиштето под куќата и под гаражата, поднеле барање за легализација на гаражата изградена 1964/65 година, уште во 2011 година. Барањето им е одбиено годинава и истиот ден Општината повела постапка за експропријација, со цел да се направи поширок пристап за соседите. Семејството ја обжалило одлуката да се одбие барањето за легализација, но Министерстовото за транспорт и врски ја отфрлило нивната жалба. Во меѓувреме е сопрена постапката за експропријација, оти на првиот состанок семејството покажало дека имаат поднесено барање за легализација но Општината и покрај тоа најавува уривање на гаражата.