СОРАБОТНИЦИТЕ НА МИЈАЛКОВ НЕ ОДАТ ВО ПРИТВОР ПОРАДИ НОВАТА СУДСКА ПРАКСА ОД СЛУЖБЕНИОТ ПАТ НА КОЧАН

    СОРАБОТНИЦИТЕ НА МИЈАЛКОВ НЕ ОДАТ ВО ПРИТВОР ПОРАДИ НОВАТА СУДСКА ПРАКСА ОД СЛУЖБЕНИОТ ПАТ НА КОЧАНДо завршување на работното време вчера во Врховниот суд не беше пристигната ниту една жалба против мерките притвор за тројцата соработници на Мијалков што ги одреди Апелациониот суд. - Специјалните обвинители Гаврил Бубевски и Стефан Донев на јавна расправа во Апелациониот суд (Фото: СДК.МК)

    Специјалниот обвинител Гаврил Бубевски вели дека одложувањето на решението на Апелациoниот суд за одредување притвор на тројцата соработници на ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков е последица на новата судска пракса воведена со службениот пат на бизнисменот Сеад Кочан.

    Врховниот суд на 12 мај, постапувајќи по барање за заштита на законитоста, доставено од Јавното обвинителство на Марко Зврлевски, реши да ги укине одлуките на Основниот суд Скопје 1 и на Апелацискиот суд Скопје за случајот „Труст“, со кои што на Кочан му беше одреден притвор и по него беше распишана потерница и го врати предметот на повторно одлучување во Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1. На повторното одлучување, Кочан, кој два месеца и пет дена беше на службен пат и недостапен за органите на прогонот, беше оставен да се брани од слобода со гаранција од околу 900.000 евра.

    „Одлагањето на извршувањето на решението судот го врзува за онаа несреќна одлука на Врховниот суд со која што го укина првостепеното и второстепеното решение во предметот во јавноста познат како „Труст“. Одлагање судско решение со кое што е определен притвор не постои во светот, ова е единствено место каде што луѓето чекаат дома да се потврди решението за да одат во притвор. Штом се изрече мерка притвор, таа се извршува“, изјави Бубевски, одговарајќи на новинарски прашања по вчерашната јавна седница во Апелацискиот суд, на која што се разгледуваа жалбите на СЈО и на одбраната на обвинетите во случајот „ТНТ“.

    Апелациониот суд Скопје завчера им одреди притвор на обвинетите Горан Грујовски, Тони Јакимовски и Никола Бошковски откако ги прифати жалбите на Специјалното обвинителство против претходната одлука на Основниот суд да им бидат одземени само пасошите. Грујовски е поранешен началник на Петтата управа на МВР каде што биле прислушувани илјадници граѓани без судска наредба. Никола Бошковски е вработен во Петтата управа и според обвинението на СЈО тој е извршител на наредбите од неговиот шеф Грујовски за прислушувањето и за уништувањето на опремата. Тони Јакимовски беше шеф на Кабинетот на Сашо Мијалков. Тој е обвинет во „Тврдина“ и „Таргет“ за истите дела поврзани со нелегалното прислушување и уништувањето на опрема. За Сашо Мијалков остана мерката одземање на патна исправа и јавување во судот секој четврток. За него нема притвор.

    До завршување на работното време вчера во Врховниот суд не беше пристигната ниту една жалба против мерките притвор за тројцата соработници на Мијалков што ги одреди Апелациониот суд. Овие обвинети со мерка притвор имаат рок од 24 часа за поднесување на жалба и тој рок веќе истече. Не се познати причините зошто во законскиот рок тие не поднеле жалби. Ни Грујовски, ни Јакимовски ни Бошковски не се ни во Шутка, иако одлуката за притвор во оваа фаза, донесена од второстепен суд, не го одлага правото за поднесување жалба. Неофицијално, жалбите доцнат, оти никој од тројцата не ги добил завчерашните решенија за притвор.

    Основниот суд Скопје 1 тврди дека од Апелациониот суд Скопје немаат добиено ниту едно од решенијата за притвор кои завчера ги објави, и дека не е судот Скопје 1 кој ја кочи доставата на тие решенија до обвинетите.
    Апелациониот и Основниот суд Скопје 1 се оддалечени 15 метри.
    Решенијата ги нема добиено ни Специјалното обвинителство, кое што е исто така странка во постапката.
    Одбројувањето на рокот за поднесување на жалба по притвор до Врховниот суд тече од моментот кога обвинетите кои ја добиле мерката, ќе ги примат решенијата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира