ПА И ДА ВЛИЈАЕ НА СВЕДОЦИТЕ, ГОНЕТЕ ГО КРИВИЧНО, ОДГОВОРИ ОДБРАНАТА НА КИРИЛ БОЖИНОВСКИ НА БАРАЊЕТО НА СЈО ЗА ПРИТВОР

    ПА И ДА ВЛИЈАЕ НА СВЕДОЦИТЕ, ГОНЕТЕ ГО КРИВИЧНО, ОДГОВОРИ ОДБРАНАТА НА КИРИЛ БОЖИНОВСКИ НА БАРАЊЕТО НА СЈО ЗА ПРИТВОРПоранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски на денешната јавна расправа во Апелациониот суд. (Фото: СДК.МК)

    И поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски денеска дојде во Апелациониот суд со ветување дека нема да бега, по жалбата на Специјалното обвинителство со која бара сепак нему да му биде одреден притвор во случајот „Титаник“. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, за злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања и за повреда на слободата на определување на избирачите, за кои што е предвидена затворска казна над 5 години.

    И Божиновски поднел жалба, со која бара да му се укине мерката одземање на пасошот. Обвинителот Бурим Рустеми потсети дека ако не е во притвор, има опасност да влијае врз сведоците во постапката и оти има опасност тој да избега од Македонија, на што се спротивстави одбраната.
    „Па и нека влијае, вие ги имате доказите во раце, гонете го кривично ако влијае”, рече еден од адвокатите на обвинетиот.

    Обвинителот од СЈО Гаврил Бубевски појасни: „На главната расправа се изведуваат доказите. Во истрагата се прибавуваат. На главната расправа сведоците треба истото да го кажат како тоа од истрагата. Ние можеме да го гониме Божиновски после за попречување на истрагата, ама ако ги натера сведоците да ги сменат исказите во главната расправа, за овие три кривични дела за кои е обвинет, веќе не”.
    „Ветувам во иднина дека ќе се јавам на секоја покана на Судот”, рече Божиновски. Одлуката на Апелациониот суд за притворот и пасошот на Божиновски ќе се знаат наредните денови.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира