ЈАНКУЛОСКА КОНТАКТИРАЛА СО ФУНКЦИОНЕРИ ОД ДРЖАВИ ВО КОИ МОЖЕ ДА ИЗБЕГА, ТВРДИ СЈО И БАРА АПЕЛАЦИЈА ДА Ѝ ОДРЕДИ ПРИТВОР

    ЈАНКУЛОСКА КОНТАКТИРАЛА СО ФУНКЦИОНЕРИ ОД ДРЖАВИ ВО КОИ МОЖЕ ДА ИЗБЕГА, ТВРДИ СЈО И БАРА АПЕЛАЦИЈА ДА Ѝ ОДРЕДИ ПРИТВОРПоранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, обвинета во случајот „Титаник“, пред денешната јавна седница во Апелациониот суд. (Фото: СДК.МК)

    Обвинетата ексминистерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска остварила контакти со високи функционери на држави во кои што таа може да се засолне, а границите може да ги напушти со личната карта, тврди Специјалното јавно обвинителство во жалбата пред Апелациониот суд Скопје, поради што повторно, сега од повисок суд, бара да ѝ одреди мерка притвор. Натаму, СЈО тврди и дека таа влијае врз сведоци во случајот „Титаник“, а доказ за тоа била изјавата на едниот од нив, кој во СЈО се пожалил дека Јанкулоска од него побарала да не дава инкриминирачки изјави за неа.

    Адвокатот на Јанкулоска го негираше тоа, бидејќи министер за внатрешни работи не замолува така сведок, туку „има на располагање многу посилни ресурси за влијание”. Гордана Јанкулоска, која пак, си го бара пасошот назад, на денешната јавна седница рече: „Сум работела во безбедносна институција, мојата научна работа е од областа на криминалот, моите познанства и контакти со странски функционери биле исклучиво во корист на Македонија. Мојот личен профил не соодветствува со тврдењето на СЈО дека ќе сум избегала. Еве пред Судот ветувам дека нема да бегам од постапката. И не сум влијаела врз сведоци, јас две години немам стапнато во МВР, немам никакви контакти со вработените”.

    Јанкулоска според обвинението, е член на злосторничкото здружување во „Титаник“ за изборни нерегуларности, на чело со првообвинетиот Никола Груевски и покрај за ова кривично дело, се товари и за повреда на избирачкото право, злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања, за злоупотреба на службената положба и овластувањата и за повреда на слободата на определување на избирачите.

    Таа и Миле Јанакиески се обвинети за најголем број кривични дела во однос на останатите тројца од ова злосторничко здружување, Груевски, Кирил Божиновски и Мартин Протоѓер, за кои што исто така се бара притвор и во жалбената постапка.

    „Јанкулоска ја прими првата покана, дојде во СЈО да побара да изврши увид во доказите и повеќе не се појави. Таа не мора да даде исказ, но треба да се јави на поканите, а не да искажува непочитување кон Обвинителството”, рече обвинителот Гаврил Бубевски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира