ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА ЌЕ СЕ ОДБЕЛЕЖИ СО ЗАЕДНИЧКО ПОЛОЖУВАЊЕ ЦВЕЌЕ НА ГРОБОТ НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ВО СКОПЈЕ

    ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА ЌЕ СЕ ОДБЕЛЕЖИ СО ЗАЕДНИЧКО ПОЛОЖУВАЊЕ ЦВЕЌЕ НА ГРОБОТ НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ВО СКОПЈЕПосмртните останки на Гоце Делчев се преселени во Македонија од Бугарија во октомври 1946 година во договор со тогашните бугарски и македонски власти.- Заев и Борисов на 20 јуни заедно положија цвеќе пред споменикот на цар Самоил во Софија и на тој начин го најавија потпишувањето на договорот за соработка и добрососедство.

    Премиерот на Република Бугарија Бојко Борисов и премиерот на Република Македонија Зоран Заев на 2 август ќе положат цвеќе на гробот на Гоце Делчев во кругот на скопската црква Св. Спас и на тој начин симболично ќе го одбележат договорот за добрососедство и соработка што треба да биде потпишан ден порано, на 1 август во Скопје.

    При посетата на Заев на Бугарија на 20 јуни, бугарскиот и македонскиот премиер заедно положија цвеќе пред споменикот на цар Самоил во Софија и така го најавија потпишувањето на билатералниот договор за кој преговорите траат уште од 2009 година.

    Според протоколот на Владата, со овој чин на заедничко поставување венци, ќе започне прославата на 114 годишнината од Илинденското востание и 73 годишнината од првото заседание на АСНОМ. Веднаш потоа премиерот Заев патува за Подгорица, каде што, заедно со премиерот на  Црна Гора е кодомаќин на средба на потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Мајк Пенс, со високи претставници на земјите членки и на земјите набљудувачи членки на Јадранската повелба, чиј претседавач оваа година е Македонија.

    Посмртните останки на Гоце Делчев се преселени во Македонија од Бугарија во октомври 1946 година во договор со тогашните бугарски и македонски власти.

    По  убиството на Гоце Делчев на 4 мај 1903 година во селото Баница, Егејска Македонија тој бил прво погребан во Серез. Потоа моштите му биле вратени во селото во олтарот на црквата, а во 1917 година неговиот соборец Михаил Чаков самоиницијативно ги пренел во Софија. Таму биле до 1946 година кога со посебен ритуал и со неколкудевно патешествие и чествување низ Пиринска Македонија биле пренесени во Скопје.

    Во Бугарија градот Неврокоп во 1951 година е преименуван во Гоце Делчев, низ земјата има повеќе споменици на Гоце Делчев, па дури и еден рид на Антарктикот го носи неговото име крстен од бугарската антарктичка експедиција. Во 2013 година по повод 110 години од Илинденското востание грчките власти им дозволиле на бугарските да постават спомен плоча во селото Баница (Веви) – помеѓу Воден и Лерин, во црквата каде што бил закопан Гоце Делчев.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира