Министерството за внатрешни работи вели дека немало приведување на лица на синоќешниот протест на Левица за време на презентацијата на воената опрема на Американската армија на скопскиот плоштад и соопшти дека Одделот за внатрешна контрола веќе истражува дали имало пречекорување при постапувањето на полицијата. Ако биде утврдено пречекорување, полицајците ќе бидат казнети, велат од МВР.
„Во врска со вчерашниот настан околу протестот по повод презентацијата на воена,медицинска и техничка опрема во Скопје, Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР веќе постапува по налогот за детално истражување на полициското постапување при протестот на неколкумина граѓански активисти. Притоа, доколку се утврди пречекорување на превземените полициски дејствија, тоа ќе биде соодветно санкционирано. Исто така, во оваа прилика Министерството за внатрешни работи категорично ги демантира сите наводи за некаво приведување на лица а во врска со посочениот настан“, соопшти МВР.
Членови на Левица синоќа предизвикаа мал инцидент на Плоштадот Македонија во Скопје, каде што денеска беше презентирана воената опрема на Американската армија, која што е во Македонија за заедничката воена вежба со АРМ „Драгун Гардијан 17“ во Криволак. Четворица од членовите на Левица кои протестирале во близина на американските војници биле легитимирани од полицијата и веднаш пуштени, изјавија вчера од МВР за САКАМДАКАЖАМ.МК.