Граѓанското здружение „Во одбрана на Дебар Маало“ и официјално побара од градоначалникот на Скопје Коце Трајаноски да го ограничи времето за дотур на стока на пазарите и во маркетите, од кои што голем дел се во станбени згради, во кафеаните и во кафулињата до седум часот наутро. Од Здружението сметаат дека со такво ограничување значително ќе се намали сообраќајниот метеж, посебно наутро, ќе се заштитат граѓаните, но уште повеќе децата кои се движат кон училиштата во тесни улички како во Дебар Маало, претесни од паркираните автомобили, каде движењето е отежнато и крајно небезбедно.
Камионите, комбињата и колите кои вршат дотур на стока, дебармаалци се жалат дека го попречуваат нормалниот сообраќај, нормалното движење на Брзата помош, противпожарните возила, пешаците и другите учесници во сообраќајот
„Очекуваме и бараме од вас временски да ги ограничите движењата на возилата за достава на стока и да поставите табли на кои часовите за достава ќе бидат јасно напишани, особено во деловите од градот каде тие создаваат тесни грла, придонесуваат кон намалена безбедност и го загадуваат просторот со бучава и емисија на штетни гасови. Предлагаме Град Скопје да ги искористи сите законски и практични можности за да почне да го спроведува барем веќе постоечкиот Закон за безбедност во сообраќајот, и временски да ја ограничи доставата на стока, во Централното градско подрачје“, стои во барањето кое Здружението му го испрати на градоначалникот Трајановски.
Граѓанското здружение, заедно со барањето, го потсетува градоначалникот Трајановски дека досегашните статистики, научни студии за загаденост, густинана населеност и сообраќај во Дебар Маало 1 и 2 и Градски парк само ја потврдуваат потребата од ограничување на сообраќајот.
Од Град Скопје велат дека дотурот на стока е веќе регулиран, а евентуални измени, како што посочуваат, може да направи Општина Центар.
„Град Скопје врз основа на Одлука за дотур на стока , издава одобренија за дотур за потесното и поширокото централно подрачје , како и за улиците по кои се одвива јавен превоз, значи дотурот е регулиран во три зони. Времетраењето за дотур е различно според зоните, но субјектите кои имаат одобрение имаат право дотурот да го вршат највеќе 15 минути од застанување пред објект. Дотурот на стоки се врши со посебни одобрувања од Град Скопје кои треба сите дистрибутери да ги обезбедат од соодветниот градски орган. Сообраќајот, паркирањето и активностите за вршење на дотур ги регулира, контролира и санкционира сообраќајната полиција. Доколку некој го прекршува сообраќајниот режим , нема одобрение за дотур или врши дотур таму каде што тоа не е дозволено , сообраќајната полиција може да му изрече соодветна санкција. За измена на сообраќајната регулација, со која би се регулирал режим на дотур, асоцијацијата треба да се обрати до Општината да изработи сообраќајно решение, потоа Општината официјално да го достави до Град Скопје и доколку истото добие согласност од сообраќајна полиција да и се издаде согласност на Општината да го измени режимот на сообраќај и да постави нова сигнализација“, велат до Градот.
Во кој период, согласно зоните, е дозволено да се врши дотур на стока, од Градот не одговорија.
Нема одговор на барањето од „Во одбрана на Дебар Маало“ за ограничувањето на дотурот на стока и од Општина Центар, иако од Здружението велат дека го испратиле и до градоначалникот Андреј Жерновски.