ПАК ЗАТВОРЕНИ ВЕНТИЛИТЕ НА БРАНАТА ПАЉУРЦИ, ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ОД БОГДАНЦИ БЕЗ ВОДА

    ПАК ЗАТВОРЕНИ ВЕНТИЛИТЕ НА БРАНАТА ПАЉУРЦИ, ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ОД БОГДАНЦИ БЕЗ ВОДАЗемјоделците се во паника затоа што пак се затворени вентилите на браната Паљурци, а за доволен доток треба да се пренасочи водата од системот за спас на Дојранско езеро. (Фото: В. Трајков)

    Повторно секна водата до земјоделците во општина Богданци од браната Паљурци. Вода не се испорачува до обработливите површини оти деновиве е прекинат дотурот на вода во браната од системот за Спас на Дојранското езеро од Ѓавато. Веста ја потврдија земјоделците од Богданци и Стојаково кои денеска требало да наводнуваат но во системот немало ниту капка вода. Никој не сака да им објасни зошто по втор пат се затвoрeни вентилите на системот за наводнување од браната Паљурци, поради што се доведува во прашање родот од околу 2000 хектари обработливи површини.

    „Нема вода во системот, а на овие високи температури треба да пуштиме вода до нивите. Се ќе се исуши. Срамота е ова што се прави. Кој ке ни ја надомести штетата од овие пеколни температури. Очигледно некој си игра мајтап со водата“, реагираат земјоделци од Богданци.

    Од АД „Водостопанство“ немаше кој да одговори зошто се затворени вентилите на системот за наводнување од брана Паљурци. Ромео Тренов бил отповикан од директорската функција на АД „Водостопанство“ и немало назначен нов директор, па никој не можеше да одговори дали и кога ќе биде пуштена вода до земјоделците.

    „Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е запознаено со моменталната состојбата со хидросистемот Паљурци во Богданци. Ве известуваме дека веќе се преземаат мерки и проблемот ќе биде решен во најскоро време“, кусо одговорија од Министерството за земјоделство кои прават напори во најкус можен рок да се пушти вода до нивите.

    Дознаваме дека за проблемот со хидросистемот Паљурци ќе се разговара и на владина седница. Во Министерството за животна средина потврдија дека била стопирана водата од системот за спас за дојранското езеро кон браната Паљурци, бидејќи бил исполнет минимумот на браната согласно договорот постигннат на почетокот на месецов и засега нема ново барање повторно да се насочи вода од Ѓавато кон Паљурци.

    На почетокот на јули нивото на водата во браната Паљурци падна под минимумот и беше стопирана водата до обработливите површини во ова општина. Министерството за животна средина пренасочи дел од водата од системот Ѓавато за Дојранското езеро кон браната по што состојбите се нормализира.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира