Бугарскиот премиер Бојко Борисов беше пречекан од македонскиот премиер Зоран Заев со највисоки државни и воени почести на платото пред Владата. Двајцата премиерите потоа заминаа на тет-а-тет состанок, по што е предвидена и средба на делегациите на владите на двете земји, а потоа ќе биде потпишан Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија
Според агендата, предвидени се и потпишувањата на меморандуми за соработка од страна на ресорните министри за транспорт, односно енергетика и економија. Бугарската делегација ќе биде примена од претседателот Ѓорге Иванов и од претседателот на Собранието Талат Џафери.
Програмата на официјалната посета на Борисов ќе заврши утре со заедничко одбележување на националниот празник Илинден во црквата Свети Спас во Скопје. Премиерите Заев и Борисов заедно ќе положат венци цвеќе на гробот на Гоце Делчев.