Зградата на некогашниот Дом на пионери во Куманово ќе се пренамени за градинка. Во првиот дел од проектот предвидена е реконструкција на приземните простории, кои ќе се адаптираат за сместување на 85 деца во две занимални за возраст од 2 до 6 години и една за јасли.
„Сметаме дека со ова ќе се зголеми процентот на опфат на дечиња и со тоа ќе се обезбедат услови за посветено предшколско образование и ран детски развој. Во Куманово како една од најголемите општини во државата има само 26 проценти опфат на децата во градинки. Затоа, до крајот на 2017 година планираме да отвориме дополнителни капацитети во Куманово и да реконструираме уште 13 објекти во целата држава каде ќе се сместат над 680 деца“, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која денеска изврши увид во реконструкцијата која започна пред неколку дена.
Реконструкција на една третина од објектот ќе чини 3,5 милиони денари, а работите треба да завршат до средината на септември. Останатиот дел од објектот, кој е во сопственост на Министерството за труд и социјална политика ќе биде даден на користење на Општина Куманово и целосно ќе се доуреди во текот на наредната година.
Во Куманово во состав на градинката „Ангел Шајче“ работат 6 објекти и два центри за ран детски развој во кој се сместени над 1.800 деца. Но потребите на градот се многу поголеми и со години родителите имаат сериозни проблеми со сместување на децата, па на листата на чекање има повеќе од 700 деца. За да се задоволат потребите потребно е да се отворат најмалку уште три градинки во приградските населби. Ветувања за отварања на нови градинки беа секогаш во изборните програми на сите политички партии, но без практична реализација. Минатата власт за 11 години владеење се фалеше дека отвора градинки и во руралните општини, но секогаш го заобилокуваше Куманово. Советот на Општината неколку години по ред носеше одлука за проширување на сместувачките капацитети на градинките, но градоначалникот се правдаше дека општината нема пари самата да инвестира без помош на Министерството за труд и социјална политика. Со смената на власта, кумановчани се полни со очекувања дека конечно ќе се реши еден горлив проблем за младите родители и градот ќе добие современа градинка.
Домот на пионери во Куманово се наоѓа во центарот на градот, покрај друга градинка, основно и средно училиште, и со години немаше никаква намена, беше запуштен и оставен да пропаѓа и да биде сврталиште на бездомници и зависници од дрога.
С. НИКОЛИЌ