Поминаа две години од катастрофалната поплава која ја зафати тетовска Шипковица во која загинаа 4 лица, а беше причинета и огромна материјална штета. Сеќавањата на овој настан кај жителите на ова планинско село уште се свежи. Иако поголемиот дел од оштетените куќи се поправени, уште на некои ѕидови може да се видат трагови од бесот на надојдената вода во тоа попладне на 3 август, 2015. Куќата на Зумер Ахмеди и на неговите двајца браќа беше прва на ударот на водената стихија.
„Куќите ги поправивме, но траумите останаа. Водата на синот на брат ми Африм му ги однесе двете деца, двегодишниот Ритан и шестгодишната Рита. Тој уште не сака да зборува за тоа што се случи тој августовски ден, за таа трагедија. И мојот син Амет, кој е лице со посебни потреби, уште се плаши секојпат кога ќе заврне посилен дожд, а да ви кажам право не само тој, туку сите во селото се плашиме да не ни се повтори таа трагедија од пред две години“, вели Ахмеди од Шипковица.
Во поплавата неговата куќа и таа на брат му Асип беа целосно уништени. Со големи напори Зумер и Асип успеаја од темел да изградат нови куќи.
„Добив нешто помош од државата, но најмногу ми помогнаа на мене и на брат ми пријателите и роднините. Успеавме внатре да ги опремиме просториите и да добиеме покрив на д главата. Остана уште фасада да ставиме, но за тоа понатаму. Најголемиот дел од куќите што беа оштетени или разурнати во поплавата се обновени, но остана неизградено коритото на јазот кој проаѓа до нашите куќи и кој беше главниот виновник за големата поплава во Шипковица“, Зумер.
Овој јаз, во кој сега нема ниту пет сантиметри вода, пред две години по поројниот дожд се претвори во вистинско водено чудовиште кое оштети десетици куќи во селото, однесе четири човечки животи и направи наноси од песок и камења високи неколку метри.
„Неколку пати сме интервенирале кај градоначалничката на Тетово Теута Арифи да ни каже кога ќе почне регулацијата на јазот, бидејќи тоа беше едно од ветувањата нејзини, а и на владата веднаш по поплавите, но одговор уште немаме добиено. Ветуваа и од УНДП дека ќе направат студија за регулација на јазот, имаше и ветувања од Владата дека ќе даде пари за негова регулација, но досега не видовме ништо од ова. Ако јазот не се регулира трагедијата од пред две години лесно може да се повтори. Еве неодамна кога беа поплавите во село Порој, и овде силно врнеше, а водата во јазот почна нагло да надоаѓа. Сите нé фати страв да не ни се повтори поплавата зошто оваа вода при силен дожд за неколку моменти може пак да подиви и да направи големи штети. За среќа невремето брзо помина, водата се повлече па и ние куртуливме, но до кога не знаеме“, вели Сатки сосед и роднина на Зумер.
Иако поминаа две години од овој настан досега никоја од надлежните служби не излезе со објаснение за причините за таа катастрофална поплава и дали овој водотек и понатаму преставува опасност за жителите на Шипковица.
З. АНДОНОВ