ВАЛАНДОВЧАНИ ГИ ПЛАШАТ ДЕКА АКО УСПЕЕ РЕФЕРЕНДУМОТ ЌЕ ПЛАЌАЛЕ ПО 3.000 ЕВРА ОТШТЕТА ЗА „КАЗАНДОЛ“

    ВАЛАНДОВЧАНИ ГИ ПЛАШАТ ДЕКА АКО УСПЕЕ РЕФЕРЕНДУМОТ ЌЕ ПЛАЌАЛЕ ПО 3.000 ЕВРА ОТШТЕТА ЗА „КАЗАНДОЛ“Секоја вечер поставуваме нови паноа и билборди, но преку ноќ се отстрануваат, велат активистите од граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ (Фото: СДК.МК)

    Активистите од иницијативата „Спас за Валандово“ реагираат на притисоци и опструкции за престојното референдумско изјаснување против рудници во оваа општина . Билбордите кои сами ги изработуваат и ги поставуваат во градот и населените места преку ноќе биле уништувани, за граѓаните да не се информираат за денот на одржување на референдумот 20 август, ниту пак да се зборува за изјаснувањето.

    „Реагираме оти од Општината немаат поставено ниту еден билборд, ниту едно известување дека ќе има референдум во Валандово. Секоја вечер поставуваме нови паноа и билборди, но преку ноќ се отстрануваат. Сите случаи ги пријавивме во полицијата“, вели Роберт Марков, кој тврди дека граѓаните биле заплашувани на 20 август да не излегуваат на гласање со цел референдумот да пропадне.

    „Имаме реакции дека одделни домаќинства биле посетувани и биле заплашувани дека ако излезат на референдумот и евентуално се изјаснат против рудници, ќе морале да плаќаат отштета од 3.000 евра, оти комплексот „Казандол“ веќе се гради и за евентуално стопирање граѓаните ќе морале да плаќаат пенали, што е чиста лага. Никој ништо нема да плаќа. Оваа појава е зачестена по населените места каде се убедуваат граѓаните воопшто да не излезат на референдумот“, вели Марков.

    Од таа причина, тие престојните денови ќе ја интензивираат кампањата за сите граѓани бидат информирани дека на 20 август самите ќе одлучуваат дали се за чиста и еколошка средина или пак за тешка и загадувачка индустрија во нивната општина.

    Планирани се десетина трибини преку кои граѓаните ќе бидат информирани за можните последици од функционирањето на „Казандол“ и неговото влијание врз земјоделството и пред сѐ органското производство.

    Минатата недела, на граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ се приклучија здруженијата на лозари, земјоделци , сточари, органски производители, кои побараа да се стопира изградбата на рударскиот комплекс на три километри од градот.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира