СО ФОРМИРАЊЕТО НА СЈО И ПРИСЛУШУВАНИТЕ РАЗГОВОРИ СТАНАА ДОКАЗЕН МАТЕРИЈАЛ, ПРЕСУДИ АПЕЛАЦИОНИОТ СУД

    СО ФОРМИРАЊЕТО НА СЈО И ПРИСЛУШУВАНИТЕ РАЗГОВОРИ СТАНАА ДОКАЗЕН МАТЕРИЈАЛ, ПРЕСУДИ АПЕЛАЦИОНИОТ СУДЛидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на 16 декември како првообвинет дојде во Кривичниот суд во Скопје, каде започна судењето за нарачаното насилство врз градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски што го отвори СЈО. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Апелациониот суд реши дека прислушуваните разговори се дел од доказниот материјал, бидејќи со формирањето на Специјалното јавно обвинителство аудио записите од телефонските разговори се внесени во правниот поредок на Република Македонија. Одлучувајќи по жалбата на СЈО откако Основниот суд Скопје 1 ги издвои како докази прислушуваните разговори на судењето против Никола Груевски за насилството во Центар и нарачаните шамари за Андреј Жерновски, со образложение дека биле прибавени на незаконски начин, Апелација утврди дека Основниот суд Скопје 1 го прекршил Законот за кривична постапка. Во решението на Апелација, се наведува со ЗКП е регулиран начинот на прибавување на доказите, а не начинот на нивното создавање или на нивната содржина, што е и правен стандард заради запазување на јавниот интерес.

    „Со донесување на споменатиот Закон за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (Сл.Весник 159/15), за овој суд аудио – записите од телефонските разговори се внесени во правниот поредок на Република Македонија и врз нивна основа Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите С. истражува кривични дела и гони сторители и истите стануваат дел од доказниот материјал“, наведено е во решението на Апелациониот суд, објавено денеска на судскиот портал.

    Од Апелација додаваат дека без разлика како во конкретниот случај предметните аудио записи од телефонски разговори се создадени, истите се прибавени на законит начин и можат да се користат во постапката врз основа на законот за СЈО и Законот за кривичната постапка, кој ја регулира обврската за доставување на податоци на јавниот обвинител, во случајот надлежен да истражува и гони за кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите, кому политичката партија му ги доставила овие снимки и други снимки, документи во електронска форма и писмени докази.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира