ЕДЕН ЗАКОН НЕМА ДА ДОНЕСЕШ, МУ СЕ ЗАКАНИ ИЛИЈА ДИМОВСКИ НА ТАЛАТ ЏАФЕРИ

    ЕДЕН ЗАКОН НЕМА ДА ДОНЕСЕШ, МУ СЕ ЗАКАНИ ИЛИЈА ДИМОВСКИ НА ТАЛАТ ЏАФЕРИПратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски си го проверува телефонот за време на денешната седница за разрешување на државниот обвинител Марко Зврлевски. (Фото: СДК.МК)

    Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски му се закани на претседателот на Собранието Талат Џафери дека нема да донесе ниту еден закон на денешното продолжение на седницата за разрешување на државниот обвинител Марко Зврлевски.

    „Еден закон нема да донесеш“, му дофрли од место Димовски на Џафери, откако неговите сопартијци бурно изреагираа на говорот на независниот пратеник Павле Богоевски, кој ги обвини дека со штитењето на Зврлевски го штитат криминалот.

    Богоевски, еден час откако почна седницата за разрешување на Зврлевски по стариот терк со реплики и контрареплики на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на теми како Договорот со Бугарија, пожарите и законот за јазиците, побара реплика и од говорница ги обвини пратениците на ВМРО-ДПМНЕ дека со ова развлекување на седницата го штитат криминалот и се плашат од затвор.

    „Доста нѐ правите будали целата држава. Доста е со ширење национализам и ксенофобија и со заштита на криминалот. Нема поголем приорирет од разрешувањето на Марко Зврлевски кој го штити вашиот криминал. Да не го штитевте, тој досега ќе беше разрешен и ќе дојдеа на ред останатите приоритетни точки за расправа во Собранието. Откажете се од дискусиите кои ги држите само за да го штитите криминалот и да не одите во затвор. Вие сте за во затвор“, рече Богоевски по што бурно изреагираа сите присутни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

    Зоран Илиоски излезе на говорница и рече дека реагира на говорот на омраза на колегата Богоевски, кого го потсети дека доаѓа од граѓанскиот сектор.
    „И ти си криминалец, и за тебе се води судска постпака и треба да одиш во затвор“, му рече Илиоски на Богоевски.

    Процедурално, побара и доби збор Даниела Рангелова.
    „Прашувате зошто се одолговлекува разрешавањето на Зврлевски. Е па ќе ви кажам. Разрешувањето се одолговлекува токму заради ваквиот однос. И заради ваквите говори. И порано се заканувавте со СЈО. Немојте така, ќе ви препорачам. Животот е круг. За првпат го користам моето право како координатор и барам еден час пауза“, кажа Рангелова и побара Богоевски да се извини

    Тој не се извини, а Талат Џафери смирен искоментира: „Вашата интервенција нема врска со процедурата. Да ве потсетам дека секој час пауза ви носи плус еден час работа по 18 часот“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира