„Бит Фест“ се организира со пари од граѓаните, а Општината со години во тајност ја држи сумата која ја троши за настаните на битолското културно лето. За половина месец ќе заврши единаесетото издание, а од Општината нема отчетност за тоа со колкав буџет ги организираат настаните. Не се соопштени прецизни суми ни за потрошените пари во минатите изданија. Нашите прашања доставени до службите во Општината за тоа колку пари се предвидени да се потрошат за годинешниов „Бит фест“ и колку чинел пред две години, две недели останаа без одговор.
Ни советниците од битолскиот општински Совет не знаат точно колку пари од општинската каса ќе повлече културното лето.
„Ние ја носиме Програмата за култура, во која само таксативно се најброени настаните и манифестациите како на пример Бит Фест, Интерфест, фестивал Браќа Манаки, прослава на 4-ти Номеври, значи одделно колку пари и за што се трошат нема увид. Парите за Бит Фест најчесто се расфрлани како други оперативни расходи, друго, репрезентации и слично. Се нема точен увид“, вели Наташа Петровска, координатор на советниците од СДСМ.
Таа единствено успеа да добие прецизни бројки за тоа колку чинеше едно од минатите изданија. Во 2015 година поднесе барање за слободен пристап до информации за тоа колку пари се потрошиле за „Бит Фест“ во 2014. Откако пет месеци не доби одговор од Општината, поднесе жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер. Од таму ѝ наложија на Општината да одговори, ако не ќе биде казнета. По седум месеци чекање, Петровска доби одговор дека за учесниците потрошиле 17.171,870 денари, а за трошоци како хотели, печатење, реклами, превоз 1.060,986 денари. Вкупно 18. 232, 865 или 303.880 евра.
Годинава во Програмата за финансирање на културата се предвидени 27 милиони денари или 450. 000 евра за повеќе културни настани. Тоа не се совпаѓа со сумите од лани, кога поради куќниот притвор на Талески немаше „Бит Фест“, па советниците есента пренаменија 60 милиони денари или безмалку еден милион евра од Програмата за култура во онаа за јавни и комунални дејности. Се поставува прашањето од каде беа собрани останатите 33 милиони денари.
„Околу 500.000 евра се за Бит Фест годишно. Ова се пари кои се одвојуваат од програмата за култура, а сумата се зголемува ако се има предвид дека средства за Бит Фест се одвојуваат и од други ставки на буџетот и за таа сума знае само Владимир Талески и два-тројца негови најблиски соработници“, вели Валентин Груевски, советник од ЛДП.
Тој додава дека на „Бит Фест“ му недостига квалитет, настани кои ќе донесат посетители. Вели „подобро е да имаме 20 настани со по 2.000 посетители, отколку 2.000 настани со 20 посетители“.
Годинава „Бит фест“ трае два месеца, а секојдневно има по најмалку два настана. Дел со поголем квалитет, а дел со мала посетеност. Во негови рамки велгоа и дел од манифестациите кои ги финансира и Министерството за култура како „Илинденски денови“, Шекспир фестивалот, одредени изложби и друго. Свои настани имаа и повеќемина битолчани кои беа најгласни на собирите „За заедничка Македонија“, понатаму советници од локалната власт, а едни исти здруженија организираа по неколку настани.
Советниците од локалната опозиција деновиве на прес-конференција изјавија дека ако сумата од 500.000 евра годишно е веродостојна, тогаш за сите овие години одржување на „Бит Фест“ се потрошени најмалку 5 милиони евра пари на граѓаните, а можби и повеќе.
„Ова е сериозна сума пари со која можат да се реализираат повеќе капитални проекти во општината, како покриен базен,планинарскиот дом Копанки, гасификација на Битола. Граѓаните заслужуваат квалитетни и ефикасни проекти од областа на културата, но и отчетна и домаќинска локална власт“, вели Горан Козаров советник од СДСМ.
Претседателката на Советот Силвана Ангелевска, која е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, исто така не знаеше да ни одговори колку чини „Бит Фест“. Ни рече дека тие како Совет ја носат вкупната програма за култура, а потоа Оделението за култура од Општината одлучува кои настани ќе се финансираат и со колку.
Од Општина Битола не добивме одговор колку чини годинешното културно лето. Доставивме и барање за слободен пристап до информации од јавен карактер на 27 јули, па ако одговори ќе објавиме. Општината не одговори на прашањата на САКАМ ДА КАЖАМ.МК, но испрати реакција до локалните телевизии на пресот на СДСМ.
Во реакцијата вели дека Општината била „отчетна и транспарентна институција и во целиот досегашен период јавно ги изнесувала сите информации“.
„Споменатите износи за Бит Фест на прес-конференцијата се далеку повисоки од вкупните средства за сите културни настани во Битола кои се дел од годишната програма на Општината. Годишната програма за култура, преку веб страната на Општина Битола, во делот на буџетот, е достапна за сите заинтересирани граѓани“, пишува во соопштението.
На веб-страницата на Општината нема точни податоци колку пари се издвојуваат за „Бит Фест“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА