Велешанецот С.В. (46) кој ноќеска ги нападна соседите со чекан и уби еден, а повреди уште четворица, на крај бил сопрен од неговиот татко, кој го фатил за рака и го однел дома, по што дошла полицијата и го уапсила напаѓачот, велат сведоци за САКАМДАКАЖАМ.МК.
„Ова ужасна глетка заврши едноставно. Дојде таткото на С.В., му викна, тој запре, го фати за рака и мирно замина дома. Потоа дојде полицијата, го уапси и одведе во станица“, велат соседите.
Крвавите дамки пред влезот во куќата на Најдови, каде што ноќеска се случи убиство и четири обиди за убиство, се сведоци за ужасот што го доживеале членовите на семејството и убиениот Димче. Соседите сведочат за крвавата пресметка која С.В. ја сторил во два часот по полноќ.
„Го слушнав гласот на комшиката која свика, луѓе помагајте, нѐ убија, аманте дојдете. Се слушаа викотници, пискотници. Се качив, кога што да видам, Комшијата Димче легнат на под со крвава глава, жена му го држеше лелекаше, а и таа повредена. Ќерката целата крвови. Дојдени беа и братот на Димче и неговата жена и тие целите беа со крв облеани, многу лоша слика. Повикавме брза помош, полиција. Повредените со брз помош ги однесоа за Болница“, вели сосетка.
Според нив, С.В. со чекан, насилно ја искршил влезната врата од домот на Најдови. Влегол во собата каде што била ќерката и почнал да мава, по што втрчале таткото и мајката. Започнала борба и притоа била скршена рачката од чеканот, по што сторителот земал железен стап од дворот и со него продолжил да мава по комшиите. Од ова тие се здобиле со нови повреди по главата. Напомош дошол и братот на сега покојниот Димче, со неговата сопруга кои живееле на долниот кат од семејната куќа на Најдови. И тие се здобиле со тешки повреди на главата од железото со кои биле тепани.
Мотивот за убиството засега непознат. Зошто С.В. во неговото дивеење уби еден, а четворица повреди, од кои еден тешко. Мавал со чекан и железен стап. Полицијата соопшти дека до ова дошло поради „поради влошени меѓу соседски односи“. Соседите пак велат дека немале никогаш никакви проблеми.
„Настраданите беа прекрасна фамилија, немаа никакови проблеми со комшиите. Не знаеме што можеше да се случи за да дојде до ова. С.В. беше повлечен, не работеше, не беше женет. Со нас имаше едно добар ден, добро утро и толку. Видете, тие имаа дури заеднички двор, двете фамилии. Иако двете куќи имаа две врати за влез, не беа одделени меѓусебно со ѕид или нешто друго. Што се случило кај сторителот само тој си знае“, велат соседите.