Половина час магистралниот пат Тетово-Јажинце кај селото Порој денеска беше блокиран од жителите на ова село. Тие на овој начин го изразија своето незадоволство од централната и локалната власт, што досега речиси ништо не превзеле за санирање на штетите од поплавата во јуни, годинава. Тие велат дека освен што е расчистен магистралниот пат друго ништо не е направено и санирано во селото.
„Крајно сме незадоволни и од локалната и од централната власт како се справуваат со последиците не само од оваа поплава, туку и од оние поплави од порано. Во горниот дел од реката уште надвиснуваат големи камења кои, ако се откорнат, можат да предизвикаат големи штети не само во село Порој туку и во Џепчиште. Со ова директно се загрозени над 10.000 жители. Освен ова, уште немаме добиено компензација за причинетите штети, а не е исчистено ни коритото на Поројска Река освен овој дел кај главниот пат“, вели Садри Беадини од Порој.
Жителите на Порој велат дека ова е само предупредувачки протест и тој ќе продолжи ако набрзо не се превземат мерки за санирање на штетите и обесштетување на лицата чии имоти и ниви беа поплавени .
„Моменталната ситуација е многу поопасна од онаа пред поплавите. Коритото на реката сред село уште не е исчистено. По мостот кој ги поврзува двата дела на селото можат да минуваат само пешаци, но не и автомобили. Наскоро ќе започне учебната година и ние мислиме дека вака и животот на нашите деца ќе биде загрозен“, вели претседателот на Месната заедница Порој.
Во поплавата предизвикана од поројниот дожд кој го зафати селото Порој во јуни оваа година, патот Тетово-Јажинце на местото каде поминува Поројска Река беше затрупан со огромни камења и кал и беа потребни десетина дена да се расчисти, во селото беше тешко оштетен мостот кој ги поврзува двата дела на селото, а надојдената вода и кал предизвикаа големи штети и на земјоделските површини во долното течение на реката.
З. АНДОНОВ