До денес нема прецизни податоци каде завршило битолското книжевно богатство, кое се чувало во последната османлиска јавна библиотека во градот позната како „Интифа“. Таа располагала со бројни арапски, персиски и турски книги од постари и понови изданија, ретки ракописи, од кои дел за време на Балканските војни, а дел во 1938 година биле разграбани. Вредната збирка броела стотици книги, а денес се зачувани се само мал број примероци во Архивот во Битола.
„Таа била последната преживеана организирана османлиска јавна библиотека од која не било дозволено книгите да се изнесуваат надвор , туку внатре да се читаат. Содржела огромен број книги, вредни дела, а се чувал и примерок од првата книга која излегла од првата автохтона турска печатница на Ибрахим Мутеферика во 1729 година со наслов ‘Речник на арапски и турски’, книга која претставувала ренесанса во османлиското општество, ја зголемила продукцијата на книги и особено придонела за одделување на турскиот јазик од комплотот на турски-персиски-арапски јазик“,- вели Васко Гичевски, млад истражувач на османлиската историја во Битола.
Библиотеката била сместена во склоп на Исхак бег вакуфот во центарот на Битола. Според едни извори, се наоѓала на вториот кат од во комплексот сместен во близина на денешната полициска зграда. Други извори, пак, велат дека била другата страна на реката Драгор, каде денес се наоѓа наплатниот центар на „Комуналец“.
Според книгата „Библиотеките во Битола“ на А. Стефановска и Н. Ѓоргиевски, објектот на Интифа лоциран меѓу Исхак џамија и Саат кулата можно е да бил дел од Мувекитхана (установа за точно време). Ваквите установи имале големо значење за ширење на математиката и астрономијата. Тие се снабдувале со часовници и инструменти со чија помош се одредувало точно „ала турка“ и средноевропско време. Според пресметаното точно време се местеле часовниците и Саат кулата.
„Со заминувањето на Османлиите од Битола во 1912 година нејзината дејност не престанала, продолжила со работа во текот на војната со намалено дејство , но и во периодот кога Македонија беше дел од Кралството СХС. На тогашната власт остатоците од Османлиската империја им биле трн во очите, па била затворена. Потоа била ограбена во 1938 година, за што била покрената истрага, но сторителите не биле најдени“, вели Гичевски.
Се претпоставува дека книгите биле продадени по висока цена во Истанбул. Денес нема податоци во кои библиотеки, музеи и архиви или приватни колекции завршиле. Среќна околност е тоа што речникот од печатницата на Мутеферика е зачуван во Архивот.
„Зградата на библиотеката била срушена во 1948 година , како и многу други згради од османлискиот период кои беа жртва на модернизацијата на градот, наместо да се реставрираат и зачуваат, па така Битола остана пократка за многубројни културно-историски споменици од тој период“, додава Гичевски.
Според поранешниот битолски муфтија Плуми Велију, Битола денес ќе имаше библиотека од рангот на Гази Хусрев-беговата библиотека од Сараево, барем по бројот на книгите, ако „Интифа“ ги преживела невремињата низ годините.
Ж. ЗДРАВКОВСКА