Фирмата „Транс Мет Доо“ од Скопје понудила рекордно ниска цена за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола, соопштија од државната компанија АД ЕЛЕМ која стопанисува со електраните во Македонија.
На електронската негативна ценовна аукција за ископ на јаглен и јаловина за потребите на РЕК Битола, што се одржала на 25 август на која како услов, покрај другите технички услови, била најниска цена на услугата, постигната е цена, екстремно ниска во однос на сите досега одржани аукции и непосредни договори за овој вид на услуга.
Во минатото РЕК Битола плаќал и до 144 денари за гига џул.
Поранешниот сопственик на Трансмет Сеад Кочан, е осомничен во случајот „Труст“ на СЈО, дека со местење на тендери токму за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола го злоупотребил државниот буџет за 17 милони евра.
Во претквалификацијата учествувале 6 фирми, од кои 5 продолжиле во понатамошната постапка. Последната и најниска понуда од 44 денари ја даде фирмата ,,ТРАНС МЕТ ДОО,, Скопје.
АД ЕЛЕМ соопштува дека „во однос на интересот на јавноста за фактот дека на аукцијата учествувала и на поддавањето најприфатлива цена дала фирмата ,,ТРАНС МЕТ ДОО,, Скопје, чиј претходен управител е под кривичен прогон токму за тендер за РЕК Битола, сакаме да нагласиме дека АД ЕЛЕМ нема можност да го исклучи од понатамошно учество тоа правно лице, иако структурата на сопственост е променета. АД ЕЛЕМ побара од наведеното лице и доказ дека неговата сметка не е блокирана, по што писмено беше известен дека сметката на компанијата не е блокирана, што на истата и дава законска можност да учествува на било кој државен тендер“.
Со сега постигнатата цена, предвидената услуга – ископ на јаглен и јаловина, од страна на „Транс Мет“ би требало да биде извршена за приближно 6 милиони евра. За истата, претходното раководство на АД ЕЛЕМ имаше предвидено буџет од 13 милиони евра, што значи дека, доколку конечната одлука го потврди овој избор, ќе бидат заштедени 7 милиони евра.
Во законски предвидениот рок АД ЕЛЕМ ќе изврши проверка на целата постапка и во текот на следната недела ќе ја соопшти конечната одлука за тоа која фирма го доби тендерот за ископ на јаглен и јаловина.Доколку по извршената проверка од страна на АД ЕЛЕМ се утврди дека аукцијата и целата постапка биле изведени регуларно и дека останува постигнатата цена од 44 денари за GJ, тоа ќе биде најниска досега постигната цена за ископ на јаглен за РЕК Битола, со оглед на тоа што за истата услуга во изминатите години биле плаќани и до 144 денари за GJ.
Поранешниот сопственик на Трансмет Сеад Кочан ја напушти земјата и речиси два месеци не беше достапен за органите на истрагата, откако на 9 март Кривичниот суд му одеди 30 дена притвор. Се врати во државата откако на 14 мај Врховниот суд му ја укина мерката притвор и беше повлечена потерницата издадена за него. На повторното одлучување за притвор, тој даде гаранција од околу 900 илјади евра и го предаде пасошот за да се брани од слобода.
М. ИЛИОСКИ