ЦЕЛО МААЛО СМРДИ ОД ДИВ СТОЧЕН ПАЗАР ПРЕД ПОРТИ, ТЕУТА АРИФИ ГИ ДАДЕ КУРБАН ТЕТОВЦИ

ЦЕЛО МААЛО СМРДИ ОД ДИВ СТОЧЕН ПАЗАР ПРЕД ПОРТИ, ТЕУТА АРИФИ ГИ ДАДЕ КУРБАН ТЕТОВЦИВо пресрет на верскиот празник Курбан бајрам просторот околу стариот градски стадион во Тетово се претвара во сточен пазар на кој се продаваат овци, крави, бикови и друг добиток, кои верниците ги купуваат за овој празник, а некои дури тука и се колат (Фото: СДК.МК)

Жители од Тетово кои живеат во близината на стариот градски стадион и оваа година негодуваат што во близина на нивните куќи се продава добиток. Во пресрет на верскиот празник Курбан бајрам просторот околу стариот градски стадион се претвара во сточен пазар на кој се продаваат овци, крави, бикови и друг добиток, кои верниците од исламска вероисповест ги купуваат за овој празник, а некои дури тука и се колат. Сточниот пазар трае неколку денови, но потоа смрдеата од распаднати остатоци од закланите животни се чувствува со денови и недели, велат жителите.

Жителите од ова маало потпишале и петиција и барање до Општината и до градоначалничката Теута Арифи за дислокација на овој времен сточен пазар, но само на неколку денови пред Курбан бајрам, одговор сѐ уште немаат добиено (Фото: СДК.МК)

„Ние овде живееме над 40 години и никогаш овде немало сточен пазар. Ај што прават сточен пазар, ама тука и ги колат животните и сето ѓубре и делови од закланите животни ги оставаат тука, па се шири неподнослива смрдеа, а кучињата скитници ги разнесуваат тие делови насекаде по маалото. Минатата година овде смрдеше полошо од на депонијата. Цел месец прозор не можевме да отвориме. Затоа, бараме од градоначалничката Теута Арифи да забрани овде да се продава и да се коле стоката, туку за оваа намена да се најде друго соодветно место“, вели Џемши Љута.

Со него се согласува и неговиот сосед Душко Илиевски.

„Јас во сé се согласувам со тоа што го рекоа моите соседи. Ова место не е за ваква намена, бидејќи тука живее народ. Овде се продава, се коле, се шири неподнослива смрдеа. Затоа и апелираме до Општината  да најде некоја друга, посоодветна локација за оваа намена. Знаеме дека и тие сточари треба да го продадат добитокот и да заработат пари за нивните семејства, но не овде на ова место“, категоричен е Илиевски.

Во тие четири-пет денови нашето маало е речиси целосно отсечено, бидејќи и патот до нашите куќи е блокиран со прегради во кои се чува добитокот. И сето ова се случува на само десетина минути пеш од центарот на градот. Затоа, бараме овој пазар да се однесе на некое друго поадекватно место, па белким Општината може да најде некое такво место, велат жителите (Фото: СДК.МК)

Жителите од ова маало потпишале и петиција и барање до Општината за дислокација на овој времен сточен пазар, но само на неколку денови пред Курбан бајрам, одговор сѐ уште немаат добиено.

„Ние, жителите на ова маало, пративме жалба и петиција до градоначалничката Теута Арифи, а и јас лично пратив барање во свое име, со кое бараме  на овој простор за Курбан бајрам повеќе да не се продава добиток. Но за жал, досега од Општината немаме никаков одговор. Ова го бараме поради лошото искуство што го имаме во изминатите две години, откако на овој простор почна да се продава добиток. Во тие четири-пет денови нашето маало е речиси целосно отсечено, бидејќи и патот до нашите куќи е блокиран со прегради во кои се чува добитокот. И сето ова се случува на само десетина минути пеш од центарот на градот. Затоа, бараме овој пазар да се однесе на некое друго поадекватно место, па белким Општината може да најде некое такво место“, вели Ифраим Љута.

Но тој нема забелешки само кон Општината, вели дека и Исламската верска заедница треба да реагира за ваквиот начин на прославување на Курбан бајрам.

„Јас би сакал и ИВЗ да дојде и да види каде и како се колат овие курбани. Се знае какви се верските прописи, како еден курбан треба да се заколе, каде и како да се продава. На ваков начин на продажба и колење на курбаните тие ги прекршуваат правилата на Куранот“, потенцира Ифраим Љута.

Се обидовме да добиеме одговор од Општина Тетово дали и како ќе го решат овој проблем, но од службата за односи со јавноста само ни беше речено дека ќе се обидат дополнително да нѐ информираат за овој проблем.

И додека трае разговорот со жителите на ова маало и додека се чека одговорот од Општината, на просторот околу стариот градски стадион интензивно се поставуваат огради за импровизирани трла во кои веќе од среда ќе бидат донесени стотици овци и друг ситен и крупен добиток, со што проблемите за жителите од ова маало и оваа година ќе се повторат.

З. АНДОНОВ

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира