Шалтерите во Управата за јавни приходи, Царинската управа, Управата за водење матични книги, службите за издавање лични карти и пасоши во МВР и во одделенијата за одбрана на региони со градови и општини во Министерството за одбрана од утре ќе работат во две смени. Првата смена во овие институции, според одлуката на Владата ќе работи од 7.30 до 14.30 часот, а втората смена од 14.30 до 21.30 часот. Овие шалтери ќе работат и секоја прва сабота во месецот од 8 до 16 часот.
„Одлуката за распоред на работното време во органите на управата е во сила од утре. Двосменското работење треба да се применува во службите на органите на државната управа што имаат непосреден контакт со странки при издавање на лични документи, дозволи и слична документација“, велат од Министерството за информатичко општество и администрација.
Во управните служби на МВР, односно во управите за фотографирање на патни документи, лични карти, пасоши и возачки дозволи, и досега се работеше во две смени. Разликата е во тоа што втора смена во овие служби досега работеше до 19 часот, а отсега до 21.30 часот.
Шалтерите на УЈП и досега по потреба работеа со продолжено работно време, во периодот од годината кога граѓаните и фирмите поднесуваа годишни даночни пријави.
„Во однос на човечките ресурси и внатрешната организација како ќе ја применат оваа одлука, е работа на секој орган, кој поединечно и самостојно го уредува ова прашање во рамки на законските и подзаконските акти“, велат од Министерството за информатичко општество и администрација.