Граѓаните кои денес протестираа успеаја да го спасат од сеча паркот пред поранешната Ветеринарна станица во Битола. Општината која таму сакаше да изгради кружен тек и да ги сече дрвјата, попладнево испрати соопштение дека проектот ќе биде подложен на ревизија. Градските власти соопштението го испратија само до одредени медиуми и во него не го спомнуваат протестот, туку дека по петицијата која што им ја доставиле група граѓани проектот се одложува.
„Општина Битола, не навлегувајќи во мотивите на организаторот, одлучи во овој период на политички мотивации, проектот да го подложи на дополнителна ревизија, кој треба да биде во интерес на сите граѓани, а не само на подносителите на петицијата, како и во согласност со сообраќајните прописи“, пишува во соопштението.
Понатаму потврдуваат дека изработен е споменикот на Александар Турунџев, кој според проектот, треба да биде поставен во средишниот дел на кружниот тек, но неговото поставување ќе почека до завршувањето на постапката.
Доколку се течеше според планираното, кружниот тек и споменикот ќе се изградеа и поставеа пред избори. Споменикот на илинденецот Турунџев ќе се поставеше на сред кружниот тек. Во другите делови од градот тековите ги красат филџан, пијано и други симболи на градското живеење.
Ж. ЗДРАВКОВСКА