Министерот за надворешни работи Никола Димитров во интервју за „Дојче Веле“ изјави дека Македонија може да прими бегалци дури откако ќе стане земја членка на Европската Унија.
На прашање на новинарот: „Ако Македонија стане дел од Европската унија, дали ќе се согласи да ги прифати бегалците?“, Димитров одговори:
„Пред сé, во интерес на македонските граѓани е Македонија да влезе во ЕУ, а кога еднаш ќе бидеме дел од ЕУ, тогаш дефинитивно ќе бидеме подготвени да го делиме товарот со ЕУ. Но, пред тоа треба да влеземе во ЕУ“.
Димитров објасни дека фокусот треба да е кон помагање на оние бегалци кои се во Турција. „Договорот помеѓу Турција и ЕУ го сметам за многу важен“, изјави Димитров.
„Исто така, многу е важно што можеме да направиме во однос на заштита на нашите граници. Но, мора да се има во предвид дека надворешната граница на ЕУ не е помеѓу Македонија и Грција, туку помеѓу Грција и Турција“, рече Димитров во интервју за „Дојче Веле“.