Премиерот Зоран Заев се договори со Сојузот на борци од НОБ Владата да помогне со соодветен простор за функционирање со оглед дека им беше одземен имотот, соопштија од Владата по денешната средба на Заев и министерката за одбрана Радмила Шекеринска со претставници на Сојузот на борци.
„На средбата е договорено Владата да помогне на Сојузот на борци на Република Македонија со соодветен простор за функционирање со оглед дека им е одземен нивниот имот, за кој што организацијата планира низ правни процедури да дојде до правдата. Исто така, претставници на организацијата ќе бидат вклучени во одбележувања значајни датуми за Република Македонија и во сите други државни настани, со што ќе се врати значајното место на борците во општествениот живот во Република Македонија“, се вели во соопштението.
Сојузот на борци беше присилно иселен од просториите на улицата Даме Груев во центарот на Скопје во декември 2012 година. Набрзо по иселувањето, борците одржаа протестен марш од одземените простории до Владата, но Сојузот остана на улица.