Премиерот Зоран Заев го повика јавното обвинителство побрзо да ја заврши истрагата за 27 април, оти „ние не сме во Африка, туку во Европа“.
Во интервју за ТВ Телма тој рече дека „би можел да крене слушалка, но нема бидејќи не сака да влијае на истрагата“, но во секој случај, и да нема докази Обвинителеството треба да соопшти што побрзо.
„Ме боли, ме кине тоа што сè уште се на слобода тие што на 27 април тргнаа да нè убиваат во парламентот“, изјави Зоран Заев.
„Чекам завршница. Но, тоа е Јавното обвинителство на Република Македонија“, рече тој.
Во четвртокот обвинителите и нивните истражители од Одделот за организиран криминал.за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека ја интензивираат истрагата за организираните насилства во Собранието на 27 април годинава, но уште не го викнале на распит тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Митко Чавков.
ЧАВКОВ УШТЕ НЕ Е ВИКНАТ ДА ДАДЕ ИЗЈАВА ЗА 27 АПРИЛ, ВЕЛАТ ОД ОБВИНИТЕЛСТВОТО
„Овие денови не можеме ништо да споделиме со јавноста за истрагата, за да не ја компромитираме. Во овој момент можеме да ви одговориме само дека поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност во МВР Митко Чавков, за кого прашувате, не е повикан и не дал изјава во обвинителството“, ни одговорија од Обвинителството за организиран криминал.