ПОЧИНА ЛЕГЕНДАРНИОТ АКТЕР ХАРИ ДИН СТЕНТОН

    ПОЧИНА ЛЕГЕНДАРНИОТ АКТЕР ХАРИ ДИН СТЕНТОНХари Дин Стентон стана ѕвезда со „Париз, Тексас“, култниот филм на Вим Вендерс од 1984; - со Настасја Кински и Вендерс на Канскиот фестивал 1984 каде филмот ја освои Златната палма (Фото: АП)

    Над 60 години, Хари Дин Стентон играше арамии и чудаци, ексцентрици и губитници. Тој им даваше патос и сочувство и ги анимираше со неговото измачено, незаборавно присуство, правејќи ги маргиналните ликови главни во филмовите во кои играше. Починатиот критичар Роџер Еберт еднаш рекол дека ниту еден филм не може да биде целосно лош ако го има Стентон во споредна улога, а широк култ обожаватели, меѓу кои и режисери и негови колеги актери, мислат исто.
    „Мислам дека сите актери ќе се согласат, никој не дава поискрена, поприродна и повидлива изведба од Хари Дин Стентон“, рече режисерот Дејвид Линч лани на доделувањето на наградата “Хари Дин Стентон” во Лос Анџелес.

    Стентон почина вчера од природна смрт во болница во Лос Анџелес на 91 година.

    Линч, чест соработник со актерот во проекти како „Диви во срцето“ и неодамнешна обновената серија „Твин Пикс“, во соопштението по смртта на Стентон рече: „Сите го сакаа. И со право. Тој беше голем актер (всушност, поголем од голем) – и големо човечко суштество“.

    Кога доби ретка прилика да игра главна улога, Стентон ја искористи најдобро што може. Во руралната драма на Вим Вендерс од 1984 „Париз, Тексас“, Стентон играше речиси без текст, игра покриена со моменти на хумор и трогателност. Неговиот трогателно стоички монолог на покајание кон сопругата, што ја игра Настасја Кински, преку еднонасочното огледало, стана клучен момент во неговата кариера, во улога за која тој рече дека му е омилена.

    „’Париз, Тексас’ ми даде шанса да играм сочувство, со големо С”, изјави Стентон.

    Филмот ја освои главната награда на Канскиот филмски фестивал и му обезбеди на актерот статус на ѕвезда, првпат на негови 58 години.

    “Репо маж”, што излезе истата година, стана уште еден филм со негов потпис: Стентон глуми уморен белосветски шеф на фирма, кој го упатува Емилио Естевез во трикови на опасната трговија. Стентон беше обожаван во Холивуд, алкохоличар и страсен пушач кој директно кажува што мисли, со милион приказни, се дружеше со Џек Николсон и Крис Кристоферсон и беше херој на такви помлади ѕвезди како Роб Лоу и Емилио Естевез. Играше во повеќе од 200 филмови и ТВ-емисии во кариера која датира од средината на 1950-тите, од оскаровскиот еп „Кум 2“ до научно-фантастичниот класик „Осмиот патник“ и тинејџерскиот филм „Убава во розово“, во кој го игра таткото на Моли Рингвалд. Играше кај многу автори од 20-тиот век, дури и кај Алфред Хичкок во сериското ТВ-шоу на режисерот.

    „Работев со најдобрите режисери. Мартин Скорсезе, Џон Хјустон, Дејвид Линч, Алфред Хичкок. Алфред Хичкок беше одличен “, изјави Стентон во интервју за АП во 2013, пушејќи нонстоп, облечен во пижами и наметка. Тој рече дека можел да биде и режисер, но „тоа беше премногу работа”.

    Стентон никогаш не се ожени, иако имаше долга врска со актерката Ребека Де Морнај, 35 години помлада од него.

    „Ме остави за Том Круз“, честопати велеше Стентон.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира