Демонстрантите ја направија шарена и фасадата на зградата во која се сместени Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги и Агенцијата за млади и спорт. Извикуваат „Ова беше парк“ и „Нема правда нема мир“. Ги бришат штитовите на полицајците на кои се истурила боја, а други, пак, со спрејови на асфалтот испишаа „Шарена револуција“.
Антивладините демонстанти и вечерва ја сменија маршутата, минаа покрај седиштето на ЕУ и се упатија кон Собранието преку улицата „Кирил Методиј“, покрај „Рамстор“. Кордон полиција ги обебедува новите градби од проектот „Скопје 2014“.
Протестот почна традиционало во 18 часот пред СЈО. Го организира граѓанската инцијатива „Протестирам“. Демонстрантите бараат итно повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), итна и неотповиклива оставка на претседателот Ѓорге Иванов, произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО, формирање специјално одделение на Кривичниот суд, кое ќе биде надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО, итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни, задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата, формирање на преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе.