Кошаркарите на Словенија за првпат во својата историја станаа европски шампиони, откако во финалето во Истанбул ја совладаа Србија со 93:85. Словенија ја освои титулата, забележувајќи максимални девет победи на првенството што се играше во четири држави.
На својот последен натпревар во дресот на Словенија, Горан Драгиќ постигна 35 поени, од кои 26 во првото полувреме.
Со овој пораз, Србија заокружи необична колекција, бидејќи истовремено е носител на олимписко, светско и европско сребро.
Од распадот на Југославија, Србија има играно шест големи финалиња со Хрватска и со Црна Гора, но сите беа во ватерполо. Но, Србите вмешаа прсти и во најголемиот успех во историјата на словенечката кошарка, што уследи само две години по освојувањето на скромното 12. место на последното Европско првенство.
Творецот на ова мало чудо е Игор Кокошков, што значи дека во финалето, на клупите на двете селекции седea српски тренери. И додека Александар Ѓорѓевиќ е веќе легендарно име во светот на кошарката, 45-годишниот Кокошков, кој е роден во Војводина и има американски пасош, кариерата ја градеше како помошен тренер во клубови од НБА-лигата, моментално во Јута џез. Тој беше избран за селектор на Словенија во почетокот на минатата година.
Исто така, и четворица репрезентативци на Словенија имаат српско потекло: Горан Драгиќ, Саша Загорац, Алексеј Николиќ и младата суперѕвезда Лука Дончиќ, чии баба и дедо се од Косово.
Најголемиот успех на македонските кошаркари на европските првенства е четвртото место од 2011 година во Литванија.