Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски ќе дозволи експертски тим да влезе во Врховниот суд и да испита дали имало злоупотреби со АКМИС системот за електронска распределба на судските предмети по случаен избор, откако министерот за правда Биљен Саљији вчера го прозва дека само тој не дал позитивен одговор за контролата.
Вангеловски, кој во јули за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека системот всушност година дена не е одржуван, бидејќи фирмата што го одржувала се повлекла, ќе треба сепак да објасни како се распределувале предметите кај судиите и како кај некои месечно се паѓале по еден, а кај други, и по повеќе од десет судски предмети.
Вангеловски синоќа во телефонската изјава за телевизијата „24 Вести“ обвини дека злоупотреби со автоматизираниот систем за управување со судски предмети (АКМИС) не вршел тој, туку првите луѓе на двата најважни суда во Македонија, експретседателка на Врховниот и поранешен претседател на Основниот суд Скопје 1.
„Ќе му дадеме целосна поддршка на експертскиот тим. И јас се согласувам дека мора да се направи контрола на системот дали имало злоупотреби. Јас лично потенцирав и на средбата со Прибе му кажав, дека мора да се провери дали прераспределбата била електронска и претходно. Имам информации дека еден претседател на кривичен суд и една претседателка на врховен правеле рачна прераспределба на судиите“, изјави Вангеловски за „24 Вести“.
Министерот Саљији вчера кажа дека формирал посебен тим да изврши увид во системот за управување со судски предмети (АКМИС) за да се утврдат евентуални злоупотреби, но позитивен одговор добил од Судскиот совет и Кривичниот суд, но не и од Врховниот суд.
„Една од значајните активности на Министерството за правда во овој месец е започнување со увид во системот за управување со судски предмети (АКМИС), за утврдување на евентуална злоупотреба и одговорност поради што е формиран посебен тим. За реализацијата на оваа активност, позитивно се огласија Судскиот Совет на Република Македонија и Основниот Суд Скопје 1, но се уште нема одговор од страна на Врховниот Суд“, изјави министерот Саљији на прес-конференција по повод 100-те дена Влада.
По критиките од дел од деградираните и преместуваните судии токму од овие два суда, дека предметите таму претседателите ги делат рачно, зависно од тоа дали обвинетиот, или обвинетите биле жртви на политички прогон од тогашната владејачка гарнитура предводена од ВМРО-ДПМНЕ и дали се работи за предмети што ги води СЈО, се обративме до претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски.
Тој за САКАМДАКАЖАМ.МК на 24 септември лани изјави дека АКМИСОТ е во ред, функционира, бидејќи лично го проверил тоа од компјутерот во неговата канцеларија. Системот открива дали некој од претседателите на судовите прави местенки. Така е направен со американска стручна помош, рече тогаш Караџовски. На 7 јули годинава, пак, Вангеловски да ни изјави дека АКМИС-от всушност подолго време не бил одржуван.
Истиот ден објавивме дека Владата ќе бара помош од американска софтверска компанија за да ги испита евентуалните злоупотреби на АКМИС системот за електронска распределба на предметите кај судиите. Американски ИТ експерти, кои веќе биле консултирани, рекоа дека преку логовите во системот може да се откријат евентуалните злоупотреби со местење на предмети кај точно одредени судии.
Ако некој претседател биде фатен дека распределувал предмети рачно, а не по електронски пат, односно правел местенки со електронската распределба преку т.н. исклучување на судии, за да се намали бројот на списокот кога во даден ден треба да се распределат одредени предмети или предмет, тоа се смета за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластувања и е секако основ за разрешување од судиската функција воопшто. Судиите велат дека во ваков случај се одговара и за соучесништво.
Во извештајот на Прибе за владеењето на правото во Македонија, објавен на 15 септември, експертската група забележела сериозни сомневања за злоупотреба на електронскиот систем на распределба на судиите (АКМИС) со цел чувствителни предмети да бидат доделени на одредени судии, место тоа да биде направено по случаен избор, како што е предвидено. Во извештајот пишува дека досега не е направенa ревизија на системот, бидејќи надлежните за тоа, Судскиот совет и Врховниот суд, не побарале да се направи.
С. К. ДЕЛЕВСКА