ВАНГЕЛОВСКИ НЕ ДАВА УВИД ВО ЕЛЕКТРОНСКИОТ СИСТЕМ ЗА РАСПРЕДЕЛБА НА СУДСКИТЕ ПРЕДМЕТИ

    ВАНГЕЛОВСКИ НЕ ДАВА УВИД ВО ЕЛЕКТРОНСКИОТ СИСТЕМ ЗА РАСПРЕДЕЛБА НА СУДСКИТЕ ПРЕДМЕТИСамо Врховниот суд не се огласил позитивно за увидот на Министерството за правда во АКМИС. - Министерот за правда Саљији; Претседателот на Врховен суд Јово Вангеловски (Фото: СДК.МК/Влада)

    Министерот за правда Биљен Саљији кажа дека формирал посебен тим да изврши увид во системот за управување со судски предмети (АКМИС) за да се утврдат евентуални злоупотреби, но позитивен одговор досега добил само од Судскиот совет и Кривичниот суд, но не и од Врховниот суд. Сепак, како што кажа Саљији, Министерството за правда останува доследно на ставот за спроведување на планираниот увид.

    „Една од значајните активности на Министерството за правда во овој месец е започнување со увид во системот за управување со судски предмети (АКМИС), за утврдување на евентуална злоупотреба и одговорност поради што е формиран посебен тим. За реализацијата на оваа активност, позитивно се огласија Судскиот Совет на Република Македонија и Основниот Суд Скопје 1, но се уште нема одговор од страна на Врховниот Суд“, изјави министерот Саљији на денешната прес-конференција по повод 100-те дена Влада.

    АКМИС системот, автоматизираниот систем за управување со судски предмети, платен од Американците, кој што ги распределува и предметите од Специјалното јавно обвинителство, не се одржува веќе подолго време, откако поранешната фирма за одржување се повлекла пред една година, бидејќи не ѝ било плаќано за услугите, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски на 7 јули.

    Во извештајот на Прибе за владеењето на правото во Македонија, објавен на 15 септември, експертската група забележела сериозни сомневања за злоупотреба на електронскиот систем на распределба на судиите (АКМИС) со цел чувствителни предмети да бидат доделени на одредени судии, место тоа да биде направено по случаен избор, како што е предвидено. Во извештајот пишува дека досега не е направенa ревизија на системот, бидејќи надлежните за тоа, Судскиот совет и Врховниот суд, не побарале да се направи тоа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира