ЕКСПЕРТИ ОД САД ЌЕ ИСПИТУВААТ ЗЛОУПОТРЕБИ НА ЕЛЕКТРОНСКАТА РАСПРЕДЕЛБА НА СУДСКИТЕ ПРЕДМЕТИ

    ЕКСПЕРТИ ОД САД ЌЕ ИСПИТУВААТ ЗЛОУПОТРЕБИ НА ЕЛЕКТРОНСКАТА РАСПРЕДЕЛБА НА СУДСКИТЕ ПРЕДМЕТИКонтролата е наведена во Владиниот план за реформи 3-6-9, каде во делот за итните судски реформи се вели дека ќе има „спроведување контрола и увид во системот за управување со судски предмети (АКМИС) за утврдување на евентуална злоупотреба и одговорност“; - Основниот суд Скопје 1 (Фото: СДК.МК)

    Владата ќе бара помош од американска софтверска компанија за да ги испита евентуалните злоупотреби на АКМИС системот за електронска распределба на предметите кај судиите, неофицијално дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од владини извори.

    Контролата е наведена во Владиниот план за реформи 3-6-9, каде во делот за итните судски реформи се вели дека ќе има „спроведување контрола и увид во системот за управување со судски предмети (АКМИС) за утврдување на евентуална злоупотреба и одговорност“.

    Од судски извори дознаваме дека по објавувањето на овој дел од планот 3-6-9, високи судски службеници се координирале да излезат во јавност со оправдание дека АКМИС системот не работи како што треба. Ова се совпадна и со барањето на судијката Моника Бахчовановска, која самата побара изземање од оценката на обвинителниот акт во 2 од 5-те случаи на СЈО што системот електронски ѝ ги доделил. В.Д. претседателот на Кривичниот суд Стојанче Рибарев ѝ го прифати барањето за изземање.

    Рибарев не е достапен да објасни зошто го прифатил барањето за изземање. Од судот потврдија дека е на боледување и дека ќе се врати в понеделник.

    Американски ИТ експерти кои веќе биле консултирани велат дека преку логовите во системот може да се откријат евентуалните злоупотреби со местење на предмети кај точно одредени, подобни судии, т.е. дали и како се изигрувал АКМИС системот во случајната распределба на судските предмети. Тоа е слично како помошта што СЈО лани ја побара и ја доби од експертот на странскиот призводител на опремата за следење на комуникациите на УБК.

    Наводното местење на предмети кај судии со менувањето на Годишниот распоред за работа на судиите во Основниот суд Скопје 1 за 2016 од тогашниот претседател Владимир Панчевски, лани стана тема откако од предметите на СЈО беа тргнати судиите за кои власта не беше сигурна дека ќе може да ги контролира. А предметите на СЈО електронски паѓаа кај судии за коишто СЈО бараше изземање, бидејќи некои од нив беа спомнувани во бомбите, а некои биле во тесни врски со луѓе што се споменуваат во бомбите и што беа предмет на истрага на Специјалното обвинителство.

    „За да се истражат сомневањата за вклучи-исклучи на АКМИС – системот во Кривичниот суд, преку кој се врши електронска распределба на предметите кај судиите, потребно е да влезе обвинител со судска наредба. Судскиот совет и да сака, такво нешто не може да фати кај ниту еден претседател на суд“, потврдија лани во нември судии во Кривичниот суд за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски, лани во септември за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека Предметот за нарачаните насилства во Општина Центар и за нарачаните шамари за градоначалникот Андреј Жерновски, каде прво и второобвинети се експремиерот Никола Груевски и ексминистерот за транспорт Миле Јанакиески, како и предметот за незаконското ништење на списите од прислушуваните разговори каде првообвинет е ексначалникот на Петтата управа во МВР Горан Грујовски, се распределени електронски, а не рачно и со местенки.

    „Веднаш откако беа распределени предметите и откако се дигна врева во јавноста зошто се паднале кај судиите Татјана Михајлова и Лидија Петровска, од тука, од мојата канцеларија влегов во АКМИС системот, кој ми овозможува во секој момент да влезам и да проверам во секој суд како се распределуваат предметите. Системот открива дали некој од претседателите на судовите прави местенки. Така е направен со американска стручна помош. Овие два предмета се распределени електронски, видов и немам сомнеж во тоа“, рече тогаш Караџовски.

    Системот за независно електронско распределување на предметите АКМИС беше воведен на инсистирање на американската администрација и поддржан со проект на американската Агенција за развој – УСАИД. Станува збор за американски софтвер, а агенцијата потпиша договор за имплементација на апликацијата во јануари, 2008 со македонската компанија „Едусофт“. Воведувањето на системот почна од јануари, 2010, кога министер за правда беше Михајло Маневски, а претседател на Врховниот суд беше Јово Вангеловски кој и сега е новоизбран претседател на највисокиот суд.

    Базата на АКМИС се наоѓа во Врховниот суд и во неа може да влезат членовите на Судскиот совет и претседателите на основните судови, но не можат да интервенираат.

    Имплементацијата на АКМИС системот заврши во декември 2014, кога како последен влезе Скопскиот суд за прекршоци.

    Во тоа време претседателка на Врховниот суд беше Лидија Неделкова, која прогласи успешна имплементација на независно и транспарентно распределување на предметите по американски терк.

    Сепак, во ноември, 2014 претседателот на Адвокатската комора на Македонија Никола Додевски, кој до минатиот месец беше адвокат на раководството на ВМРО-ДПМНЕ коешто е обвинето во различни случаи на СЈО, изјави дека има проблеми во АКМИС системот.

    „Тоа што јас го имам како личен впечаток, а со кој што се согласуваат и моите колеги е дека компјутерската распределба на предметите е недоволно среќно избрано решение. Треба да се размислува на поедноставување на овој систем по примерот на другите држави. Овој АКМИС систем не е еднаш за секогаш дадена состојба, особено кога гледаме дека има проблеми. Од аспект на унапредување на работата на судовите, немаме дилема дека тоа е добро и корисно”, рече Додевски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари