ПУБЛИКАТА СЕ РАСТАЖИ ШТО ЗАВРШИ ТЕАТАРСКИОТ ПРАЗНИК НА ИВАН ПОПОВСКИ ВО СКОПЈЕ

    ПУБЛИКАТА СЕ РАСТАЖИ ШТО ЗАВРШИ ТЕАТАРСКИОТ ПРАЗНИК НА ИВАН ПОПОВСКИ ВО СКОПЈЕФестивалот „Иван се враќа дома“ во МНТ заврши синоќа со магичната „Сон на летната ноќ“, најдобрата претстава во Русија во 2015

    Благодарна и тажна публика излезе синоќа од Македонскиот народен театар (МНТ), на последната изведба од фестивалот „Иван се враќа дома“, посветен на три спектакуларни претстави на режисерот Иван Поповски, кој безмалку три децении живее во Русија. Гостите беа среќни и задоволни што изминативе недели имавме ретка можност да уживаме во мајсторскиот театар на Поповски, а тажни оти театарскиот празник заврши.

    Московскиот театар, матична сцена на Поповски, „Мастерскаја на Пјотр Фоменко“ од 16 месецов, во Скопје гостуваше со по 2 изведби на „Алиса зад огледалото“, „Отровната туника“ и „Сонот на летната ноќ“.

    Последнава претстава, „Сонот на летната ноќ“, прогласена за извонреден театарски настан лани во Русија, и добитник на многу награди меѓу кои на Златна маска за најдобра театарска претстава, беше финале на мега гостувањето на „Фоменко“.

    Разиграна но прецизна и чиста, полна со љубов и младост, со нежност, со сложени акробатски движења и одлична актерска игра, „Сонот“ ги поместува границите на кревките светови во уметноста.

    „’Сонот’ на Фоменко е инјекција на вистинска среќа кај гледачот, вакцина против малодушноста“, вели една од критиките во руските медиуми.

    Публиката со долг стоечки искрен аплауз ја поздрави актерската и техничка екипа, на чело со Поповски, посакувајќи им што поскоро да се вратат во Скопје.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира