Актуелниот победник на Евросонг, Салвадор Собрал, бил итно примен во болница во Лисабон поради срцеви проблеми и лекарите велат дека под итно мора да му се направи трансплантација.
Дваесет и седумгодишниот Собрал беше принуден да ја прекине турнејата и локалните медиуми јавуваат дека „неговата состојба е тешка и дека е во трка со времето да добие ново срце“.
Иако за здравјето на Собрал се грижат најдобрите кардиолози, тие велат дека е прашање дали неговиот организам ќе може да го прими новото срце, бидејќи не е доволно силен.
„Салвадор, цела Украина е со тебе! Биди силен, се ќе биде во ред“, порача победничката на Евросонг од 2016 година, Џамала.
Собрал е првиот Португалец кој го освоил Евросонг, што му успеа во Киев со песната „Љубов за двајца“, но уште тогаш се пишуваше за неговите здравствени проблеми.