Новозаболени од морбили или мали сипаници нема, а петте пациенти кај кои е дијагностицирана оваа заразна болест се во добра здравствена состојба, велат од Министерството за здравство.
„Сите пет заболени се во добра здравствена состојба, од кои две се бебиња на возраст од 12 месеци, едно на 15-месечна возраст и две деца на возраст од 9, односно на 11 години“, велат од Министерството за здравство.
Центарот за јавно здравје – Скопје викендов во Општина Гази Баба прогласи ограничена епидемија на морбили, во областа „Кванташка депонија“, каде живеат заразените деца.
Малите сипаници или морбили се заразно заболување, кое се шири од човек на човек, и кое може да предизвика тешки последици по здравјето, па дури и да заврши со смрт.
Д-р Јованка Костовска, државен советник за здравствена заштита во Министерството за здравство, вели дека Центарот за јавно здравје – Скопје викендов вакцинирале околу сто лица, кои биле во непосредна близина со заболените, а кои не биле вакцинирани или немаат потврда дека се вакцинирани.
Опфатот на вакцинирани деца против морбили на територијата на целата земја изнесува 82 отсто, и е паднат во однос на 2015 година кога биле вакцинирани 88,8 отсто од бебињата на 13 месечна возраст. Во Скопје пак вакцинирани се само 67 отсто од бебињата на 13 месечна возраст. Од Министерството за здравство велат дека поголем е процентот на вакцинирани деца на шест годишна возраст против морбили, односно ревакцината за морбили ја примиле 93 отсто од децата. Во Скопје пак најголем процент на вакцинирани деца има во Општина Шуто Оризари, а најмал во Центар и Карпош.
„Екипи од Центарот за јавно здравје-Скопје и од Институтот за јавно здравје, вршат дополнителна проверка на вакциналните картони и ги повикуваат невакцинираните или непотполно вакцинираните деца. Наложено е на сите здравствени домови во државата, приоритет да им биде вакцинација, односно ревакцинација во училиштата против морбили, рубеола и паротит“, вели д-р Костовска.
Таа додаде дека екипите за имунизација ако има потреба, на одредени подрачја ќе вршат и теренска вакцинација, за да се најдат непријавените и воопшто невакцинираните деца на територија на Скопје.
Е. БОЧВАРОСКА