ИСЧЕЗНАТИОТ ГРУЈЕВСКИ ДЕНЕСКА ТРЕБА ДА СЕ ПОЈАВИ НА СУДЕЊЕ ЗА УНИШТУВАЊЕ НА ДОКАЗИТЕ ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕТО

    ИСЧЕЗНАТИОТ ГРУЈЕВСКИ ДЕНЕСКА ТРЕБА ДА СЕ ПОЈАВИ НА СУДЕЊЕ ЗА УНИШТУВАЊЕ НА ДОКАЗИТЕ ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕТОНа барање на Специјалното јавно обвинителство, судијката може да донесе решение за судење во отсуство. - Грујевски пред Основниот суд Скопје 1; Потерницата на МВР по Грујевски (Фото: СДК.МК/МВР)

    На денешното судско рочиште против ексначалникот на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, кој два месеца е во бегство, кај судијата Лидија Петровска ќе биде одлучувачко известувањето од МВР дали обвинетиот е лоциран и дали во иднина може да биде обезбеден за ова судење за палењето на 20 илјади списи – докази за масовното прислушување. Ако не се појави на судењето, тоа може да се одложи, или на барање на Специјалното јавно обвинителство, судијката да донесе решение за судење во отсуство.

    Обвинителката Ленче Ристоска од СЈО, која е застапник на обвинението, во петокот на дебата за употребата на посебни истражни мерки за трети лица пред домашни и странски експерти, рече дека за обвинителството од исклучителна важност е главните обвинети за масовното нелегално прислушување од случаите „Тврдина 2“ и „Таргет“, Горан Грујевски и Никола Бошкоски, да бидат најдени.

    Ако бидат осудени во отсуство, рече таа, ресурсите за враќање на лица по изрекување на пресудата, се ограничени.

    Ако се појави обвинетиот ексначалник на Петтата управа, кој е во бегство откако Апелациониот суд Скопје и Врховниот суд му ја потврдија мерката притвор за „Тврдина 2“ и „Таргет“, тогаш по денешното судење, тој би бил веднаш однесен во Шутка.
    „За да постапува судот во конкретен предмет, мора да има писмено известување дали обвинетиот е достапен на органите на прогон или не. Ако лицето не е достапно, согласно член 365 став 3 од Законот за кривична постапка, на обвинетиот може да му се суди во отсуство само ако е во бегство или е недостапен на државните органи, а притоа постојат особено важни причини за да му се суди во отсуство. Решение за да му се суди во отсуство носи судот на предлог на овластениот тужител“, вели законот.

    Овој судски процес се одолговлечи повеќе од една година и главната расправа се уште не е почната. А се води како брза и економична постапка, бидејќи се работи за обвинителен предлог, за дело за кое е пропишана казна затвор до 5 години.

    Горан Грујевски е избеган откако Апелациониот суд Скопје му одреди притвор за други, потешки кривични дела. Јавноста дозна дека е избеган на 26 јули годинава, кога МВР отиде да го спроведе во затворот Шутка.
    Таа вечер, полицијата не го најде дома ни Никола Бошкоски, раководно лице од УБК, кој заедно со првообвинетиот Грујевски доби мерка притвор од Апелациониот суд Скопје, како главни обвинети за нелегалното прислушување , во предметите на СЈО „Тврдина“ и „Таргет“.
    Од 30 јули годинава, Грујевски и Бошкоски се објавени на веб сајтот на МВР, во делот „Потраги“, а за нив е распишана меѓународна потерница.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира