„Ако сум жива и здрава, на 50 години сакам да бидам нормален шеф на нормална држава“, вели обвинителката од Специјалното јавно обвинителство, Фатиме Фетаи, во третиот дел од документарецот „Трите“ на А1он за животот и за работата за трите обвинителки Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фетаи.
„Со ова јас го достигнав врвот на мојата кариера. Сакам на 50 години, бидејќи тогаш сметам дека ќе бидам доволно емотивно стабилна, да бидам, и ќе бидам, ако сум жива и здрава, нормален шеф на нормална држава. И ќе успеам во тоа. Моите блиски мислат дека можам и сега, но за да бидеш татко на државата, не е потребно само да го знаеш законите и да си ја знаеш работата. Мислам дека тоа што мене ми недостига за да бидам на 40 години, кога ќе ги исполнам условите да се биде шеф на држава, е емотивна стабилност. Јас сум тип што бурно реагира. Тоа не е дозволиво за еден шеф на држава, меѓутоа не треба да биде ни како актуелниот – да не отвораш уста 10 години, а кога отвориш… (покажува со раката гест што значи поарно да молчи)“, вели Фетаи.
И специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева во интервјуто изрази политички амбиции, но за градоначалничка или пратеничка функција.
„Најпрво се гледам како обвинител, би сакала да продолжам со мојата професија. Имам уште енергија за нови предизвици и се надевам дека уште има што да покажам од моите стручни квалитети. Би сакала да се обидам во политиката, како градоначалник на Гевгелија или пратеник. Се надевам дека дотогаш некои работи и во политичките партии ќе се променат, дека ќе се гледа повеќе на професионалноста. Треба да биде политиката врзана за човекот, а не човекот за политиката“, вели Јанева.