Напаѓачот на Манчестер сити, Серхио Агуеро, беше повреден во сообраќајна несреќа во Амстердам, неколку часа откако присуствувал на концерт на својот омилен пејач Малума.
Дваесет и деветгодишниот Аргентинец патувал кон аеродромот, кога таксито што го превезувало со голема брзина удрило во бандера.
Полицијата на Амстердам соопшти дека две лица биле во возилото кое доживеа несреќа во населбата Де Булелан.
„Серхио беше во Амстердам на својот слободен ден и претрпи повреди. Тој ќе се врати во Манчестер и ќе биде испитан од медицинскиот тим на клубот“, соопшти Манчестер сити.
ЕСПН објави дека Агуеро има скршено ребро, поради што би можел да паузира од фудбалските терени неколку недели. Ако се потврдат овие информации, тој ќе ги пропушти и последните две средби од квалификациите за СП 2018, кои се од голема важност за Аргентина, бидејќи се уште нема обезбедено пласман.