Каталонија стапи во општ штрајк во знак на протест против полициското насилство, со кое централната власт се обиде да го спречи референдумот за независност во неделата.
Илјадници луѓе излегоа на улиците и ги блокираа сите главни патишта низ регионот, а значително е намален и јавниот превоз.
Голем број продавници и мали бизниси се затворени на еден ден, исто како и универзитети, училишта и медицински установи, од кои некои ќе работат ограничено.
Мерсабарна, најголемиот пазар во Барселона, изгледа пусто денеска, бидејќи 770 маркети за храна останаа неотворени.
Штрајкот, на кој се приклучија сите работнички синдикати, е организиран поради „сериозното кршење на правата и слободите“, откако во неделата беа повредени над 900 луѓе во судирите со полицијата. Тоа беше реакција на владата во Мадрид, која од старт го прогласи референдумот за неуставен и одби да ги признае резултатите.
Иако 90% од гласачите се изјасниле за независност, на референдумот излегоа само 42% Каталонци, што би можело да ја ослабне позицијата на претседателот Карлес Пуигдемонт.
Откако во неделата го одигра мечот со Лас Палмас, штрајкот го поддржа и ФК Барселона.
„Ниту еден од нашите тимови нема да тренира во вторник, а затворено ќе биде и седиштето на клубот“, соопшти претседателот на Барселона, Хосеп Марија Бартомеу.