Членот на Президиумот на Левица Здравко Савески утринава бил повикан на информативен разговор во Полициската станица „Пролет“, соопштија од партијата „Левица“ која е меѓу најактивните во организацијата на антивладините протести.
Тие тврдат дека по информативниот разговор Савески бил приведен и ќе биде одведен пред јавен обвинител и судија во предистражна постапка, со барање за определување на мерка притвор,
Од таму информираат дека за уште тројца нивни членови на највисоките раководни партиски органи им биле стигнати покани за информативни разговори.
„Настаните за кои тие се теретат се поврзани со масовните протести кои ги иницираше движењето Протестирам, кои се развија во т.н. Шарена револуција, кои почнаа по срамната и противправна аболиција на Претседателот на РМ.“, стои во соопштението од Левица.
Порталот Либертас јавува дека апсењето на Здравко Савески е по барање на скопското Јавно обвинителство по доставени видео снимки од полициски камери, но и од камерите на ТВ куќите кои ги следат протестите. Според извори на порталот од обвинителството, екипата на заменскиот министер Чавков доставила снимка како Савески на првиот ден од протестите влегува во канцеларијата на претседателот на Рекорд, ја симнува сликата на Иванов, по што следело кршење на прозорците од страна на демонстрантите.
Заменик министерот за внатрешни работи Митко Чавков во интервју за Телевизија Канал 5 во саботата се закани дека имаат безброј фотографии, безброј документи преку кои МВР вршело идентификација на учесниците на протестите. „Имаме неколку кривични пријави, има неколку случаи на определен притвор, неколку прекршочни пријави, но активностите продолжуваат понатаму, имаме безброј фотографии, имаме безброј документи преку кои дополнително вршиме идентификација на сите кои што се пројавиле со тој насилен пристап на уништување и оштетување на објекти од културата“, рече Чавков за телевизијата Канал 5.