Комисија на Советот на Европа забележала ендемска корупција, насилство без никаков повод врз затвореници, продажба на кревети во попристојни ќелии, плаќање за пуштање дома, за мобилни телефони, за лекарства и за дрога за време на посетата на трите најголеми македонски затвори во декември минатата година. Делегацијата на Комитетот за превенција на тортура и нехуман или деградирачки третман или казна на Советот на Европа во најновиот извештај, ги критикува условите во затворите, но уште повеќе непреземањето ништо од страна на властите.
„По 10 години и шест посети, и покрај многу ветувања од властите, ситуацијата во затворите останува критична и, како што велат самите затвореници, ‘Катастрофа’. Предвидената цел за обезбедување „сигурност и рехабилитација“, како што е наведено во Законот за извршување санкции од 2006 година останува илузија“, се вели во извештајот.
За насилството, во затворот во Штип, на пример, на почетокот на декември 2016 година, затвореник тврдел дека бил однесен во канцеларија каде што бил тепан со пендреци од четворица чувари затоа што се пожалил дека имало премногу затвореници во неговата келија.
Насилството, пак, во затворот „Идризово“ е интегрално поврзано со ендемската корупција која што владее во целиот затвор и во која што наводно се вмешани чувари од сите нивоа и воспитувачи. Комисијата забележала детални обвинувања за начинот на кој што се вршеле исплати меѓу роднини на затворениците и затворските чувари за секакви привилегии. Затворениците велат дека плаќале до 2.000 евра да бидат преместувани во подобри ќелии и наводно 400 евра за да бидат пуштени на домашна посета. Забележала и мобилни телефони насекаде низ затворот, со тоа што поседувањето телефон чинел околу 300 евра, плус секојдневен помал „хонорар“ за чуварите да се прават дека не гледаат. Според комисијата, секој аспект од затворскиот живот е на продажба.
Во притворското одделение во затворот „Скопје“, познат како „Шутка“, речиси сите затвореници ѝ пријавиле на комисијата дека затворскиот персонал крадел од пакетите што им ги испраќале роднините, како и од нивните ќелии додека биле на прошетка во затворскиот двор. Исто така во „Шутка“, управата на затворот ѝ кажала на комисијата дека телевизори биле купени, но не биле поставени кај затворениците, зашто ја немало потребната инсталација.
Сепак, среде, како што вели комисијата, морето од мизерија во „Идризово“, нивната делегација нашла затворско крило во одлични услови: со ќелии со по двајца затвореници, со теписи на подот, кожни гарнитури и дрвени кревети, плазма телевизори, бела техника и клима уреди, сето тоа платено од самите затвореници. Заедничките простории биле пријатни – со аквариум, маси, столици и каучи, замрзнувач и вежбалница со тегови и статични велосипеди. За жал, вели комисијата, тоа е очигледна манифестација на корумпираниот систем во затворот.
„Медицинскиот тим во ‘Идризово’ се состои од двајца лекари (еден по општа пракса и еден психијатар) и две сестри за над 1.800 затвореници. Тоа е целосно неадекватно и како последици на тоа, медицинскиот тим не може да постигне“, се вели во извештајот.
Понатаму, некои затвореници тврделе дека биле тепани од страна на други затвореници поради нивната неможност да ги платат долговите настанати додека биле во затвор.
Три петини од затворската популација, се вели во извештајот, се натискани во „Идризово“, а стотици затвореници се држат и натаму во услови на притвор, што комисијата го смета за нечовечки и деградирачки третман. За време на посетата во декември 2016 година, во затворот комисијата затекнала 1.840 затвореници, вклучувајќи 75 жени, во капацитет само за 900 луѓе.
„Секој објект во рамките на сигурносниот периметар се користи за сместување затвореници, вклучувајќи ги училиштето и канцелариите на воспитувачите. Вишок е да се каже дека е екстремно пренатрупано“, наведено е во извештајот.