Пет одделенија во градската општа болница „8 септември“ не работат попладне и за викенд, поради недостиг од медицински сестри. Од седумте операциони сали во оваа болница не работи само една, иако на почетокот на годината беа затворени четири.
Кристијан Костов, новиот директор на ГОБ „8 септември“, вели дека одделението за кожни болести е споено со одделението за гастроентеропатологија, инфективното е споено со одделението за пулмологија, а целосно е затворено интерното одделение. Одделенијата се затворени бидејќи нема доволно медицински сестри, за да ги опслужат сите болни. Тој објаснува дека попладне и за викенд пациентите нема да може да ги прегледа пулмолог и кожен лекар, бидејќи нема дежурен лекар од овие специјалности.
„За време на викенд и попладне не дежураат кожен лекар и пулмолог, оти немаме лежечки пациенти. На гастро и на инфективно има дежурен лекар, оти имаме пациенти. Мора така, оти ни фалат 150 медцински сестри и болничари. Иако поред истиот проблем без затворени четири операциони сали, одлучивме да отвориме три. Префрливме дел од сестрите од одделенија во операционите сали, за да може од сите специјалности барем еднаш неделно да имаат интервенции“, вели Костов.
Тој рече дека со ваков распоред ќе работат до завршување на изборите, а потоа се надеваат дека од Владата ќе добијат согласност за нови вработувања.
„Заради изборите не нѝ беше дозволено да вработиваме нови луѓе. Најмногу недостигаат инструментарки, но нѝ фалат сестри и за одделенијата. Потребни нѝ се најмалку 100 медицински сестри и околу 50 болничари. Имавме и друг проблем. На 50 луѓе, кои се со договор на дело, договорите им истекуваат до крајот на месецот и имаше опасност да останеме и без нив. Но, Антикорупциска комисија дозволи да им ги продолжиме договорите“, вели Костов.
Тој најави дека по изборите ќе бара помош од Владата да се реновираат барем две од постоечките хируршки сали, оти се во лоша состојба.