Горан Грујевски и Никола Бошкоски денеска пред грчкиот јавен обвинител изјавиле дека не сакаат да бидат екстрадирани во Македонија, бидејќи се плашеле за своите животи и тврделе дека се жртви на политички прогон, пренесуваат грчките медиуми. Според нивните тврдења, биле загрозени од високи функционери во Министерството за внатрешни работи.
Грујевски, кој беше началник на Петтата управа на МВР и нeговиот подреден Бошкоски, вчера беа уапсени на Солунскиот аеродром со лажни бугарски пасоши и притоа грчките власти откриле дека двајцата се барани со меѓународни потерници. Денеска, првин беа кај јавен обвинител во Солун, кој ги товари за поседување и користење фалсификувани патни исправи, а дополнително ќе бидат однесени и во Основен суд во Солун.
Кога биле однесени во канцеларијата на јавниот обвинител и биле информирани за обвиненијата за кои што ги бараат македонските власти, тие ги негирале обвинувањата и побарале да не бидат вратени во Македонија.
Грујевски и Бошкоски се обвинети од СЈО за нелегално прислушување на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на системите со кои се прислушувало, за да нема докази за масовното кршење на човековите слободи и права. Тоа се предметите на Специјалното обвинителство „Тврдина“ и „Таргет“, кои сега се споени во еден предмет. Во бегство беа од 26 јули, кога требаше да бидат спроведени во притвор, но полицијата не ги најде дома.
Македонското МВР претходно денеска потврди дека добило известување од Интерпол-Атина дека лицата Грујевски и Бошкоски се приведени во Солун и веднаш по известувањето го препратиле Министерството за правда, за тоа да ги достави сите потребни документи за екстрадиција.
На Грујевски му се суди во отсуство во случајот „Тврдина 2“ за палење илјадници списи во МВР поврзани со прислушувањето. Следното рочиште од судењето е закажано за 2 ноември.