ОД ВМРО-ДПМНЕ НЕ ДОЈДОА ДА СИ ГИ ПОДИГНАТ УВЕРЕНИЈАТА ЗА СОВЕТНИЦИ НА СВЕЧЕНОСТА ВО БИТОЛА

    ОД ВМРО-ДПМНЕ НЕ ДОЈДОА ДА СИ ГИ ПОДИГНАТ УВЕРЕНИЈАТА ЗА СОВЕТНИЦИ НА СВЕЧЕНОСТА ВО БИТОЛАСоветничките клупи на опозицијата во Советот на општина Битола денеска останаа празни. (Фото: СДК.МК)

    Новоизбраните советници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ денес не се појавија на свечената церемонија на доделувањето на уверенијата за градоначалник и советници. Своите уверенијата ги подигнаа новата градоначалничка Наташа Петровска, советници од мнозинството предводено од СДСМ, понатаму советниците од независната листа „Поинаку” и од ДУИ со коалицијата.

    Од Општинската изборна комисија при доделувањето на уверенијата изјавија дека за Битола не биле поднесени приговори за изборниот процес, па се исполнале условите доделување на уверенијата. Оние кои не ги подигнаа ќе можат тоа да го сторат во канцеларијата на ОИК.

    Координаторот на ВМРО – ДПМНЕ во Битола и советник во новиот состав, Борче Димитровски, вели дека вакви свечени церемонии досега не се организирале и дека на конститутивната седница се подигале уверенијата и се давале заклетвите. Па, нивните советници ќе се појават на конститутивната седница идната недела.

    „СДСМ да престане со популизмот, изборите завршија, време е да се зафатат со работа, ја имаат апсолутната власт ќе имаат и апсолутна одговорност“, вели Димитровски.

    Новата градоначалничка Наташа Петровска, запрашана дали очекува во иднина конструктивност од опозицијата со оглед дека не се појавија на доделувањето на уверенијара, изјави дека не би сакала да коментира какво би било нивното однесување во иднина.

    „Која е причината зошто денес не се присутни најдобро си знаат. Сакам да бидам убедена дека сите избрани советници ќе се залагаат за интересите на граѓаните на Битола“, рече Петровска.

    Таа додаде дека ова е само свечен момент за доделувањето на уверенијата, а со протоколот од општината се договориле да се изврши организација за примопредавање на кабинетот на градоначалникот и да започат со работа, зашто како што посочи граѓаните со право го очекуваат нивното одговорно работење.

    Членови од изборната комисија велат дека и друг пат се организирале свечености за доделување на уверенија, па имало дури и коктели, што годинава не беше пример.

    Во новиот Совет за првпат по три мандати мнозинството ќе биде на СДСМ. Тие со коалиционите партнери освоија 17 советници, ВМРО ДПМНЕ 11, Поинаку 2 и ДУИ 1.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира