СЕ РАСПАЃА ПРИЛЕПСКИОТ ТЕАТАР, ОПАСНО Е ЗА АКТЕРИТЕ И ПУБЛИКАТА

    СЕ РАСПАЃА ПРИЛЕПСКИОТ ТЕАТАР, ОПАСНО Е ЗА АКТЕРИТЕ И ПУБЛИКАТААктерите во тетарот „Војдан Чернодрински“ бараат нова зграда оти работат во нехумани и опасни по живот услови (Фото: СДК.МК)

    Прилепскиот ансамбл, којшто измините неколку години освојува врвни награди на театарските фестивали во земјава и странство, твори во тешки услови под сите стандарди. Актерите незадоволството го манифестираа и на затворањето на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во јуни годинава, кога јавно побараа нова театарска куќа и оти условите се неподносливи.

    „Имаме потреба од нова зграда, секако. Ние треба да имаме хумани услови за работа, зашто постоиме и функционираме за публиката. Наши гости се граѓаните, кои ја почитуваат нашата работа, а колку само ни е срам кога ќе прашаат каде има тоалет, како да им кажеме каде е… Немаме ни бифе, каде што ќе разговараме како колеги, аналитички, а не пак простор соодветен за публиката. Друго прашање е тоа што овде би можело секој момент ни се случи курцшлус, зашто крај фоајето е главниот дотек на струја. Немаме туш кабина, по претставата треба да трчаме дома за да се тушираме. Осветлител е само едно лице, нема професионален шминкер, нема шнајдер …“, вели актерот Владимир Ѓорѓиески, додавајќи дека актерите го даваат максимумот од себе, но, не можат повеќе да помогнат да биде ситуацијата подобра.

    Театарот „Војдан Чернодрински“ од 1950 до денеска има подготвено и одиграно 370 премиери, кои што ги проследиле преку 2 милиона гледачи (Фото: СДК.МК)

    Театарот „Војдан Чернодрински“ од 1950 до денеска има подготвено и одиграно 370 премиери, кои што ги проследиле преку 2 милиона гледачи.

    Според Ѓорѓиески, овие катастрофални услови за работа, може донекаде да се компензираат во театарската уметност, но, сепак нов театар е неминовност.

    „Ова нашето се граничи со хуманите, човечки работни односи. Нам ни е потребен театар што е освестувач на општеството, а театарска куќа која што ќе се грижи за уметниците да го искажат својот став во соодветни услови“, вели Ѓорѓиески.

    Според раководителот на театарот „Војдан Чернодрински“ Стојан Дамчески, во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во чии рамки функционира оваа театарска куќа нема услови за квалитетни изведби.

    „Спојувањето со центарот за култура нам ни пречи, не е проектирана таа сцена за театар, тоа е голема сцена со 735 седишта, градена одамна. Пред години, имавме финансиски, кадровски и просторен проблем. Финансискиот го решивме во 1990 кога нѐ ставија под капата на Министерството за култура. Подоцна, тој недостиг на академски кадар се реши со млади квалитетни кадри, така што сега кадровски сме екипирани целосно, има уште 5- мина завршени дипломирани актери и сметам дека ќе може да се вработат, па ќе имаме околу 23-24 актери, што е според мене сосем доволно наспроти сега вработени 18-мина. Но, сепак имаме недостиг на несоодветен кадар, и во техника и во помошен уметнички персонал, а како број сме добри. Оваа сцена треба да се смени, зашто се работи со старо озвучување, стар светлосен парк. Оваа зграда треба да се турне и да се изгради една пристојна“, вели Дамчески.

    Тврди дека како раководител, тој не може да го гради театарот, тоа е прашање на креаторите на политиките, колку на локално, толку на национално ниво, зашто театарската куќа останува на градот.

    „Договорена е средба со министерот Роберт Алаѓозовски, на која ќе присуствуваат стручни лица за да се реши овој проблем за на век“, вели Дамчески.

    И новоименуваната в.д. директорка Менче Караџоска, стои на ставот дека проблемот е итен и мора да биде решен.

    „Проблемот со театарот  е добро познат. Моите заложби како в.д. директор се да се реши што е можно поскоро, зашто и ансамблот и градот заслужуваат да има нов театар. Веќе е доставена информација во Министерството за култура, за состојбата во која се наоѓа објектот каде што работат прилепските актери“, вели Караџоска.

    Изградба на нова театарска куќа беше една од поентите во програмите на кандидатите за градоначалници на овие избори. Новоизбраниот градоначалник, Илија Јованоски, вети дека Прилеп во овој мандат ќе има нова театарска куќа. Актерите велат ќе го држат за збор.

    М. ТАЛЕСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира