Новата сала на Македонската филхармонија денес претпладне ја доби дозволата за технички прием, и со тоа, вечерва во 20 часот, свечено и официјално ќе почне новата сезона.
Објектот на Филхармонијата, без технички прием на 21 мај го отвори претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов и тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ, на чело со премиерот Емил Димитриев, министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска и директорката Маја Чанаќевиќ.
Концертот за вечерашниот старт е симболично насловен „Нов почеток“, ќе диригира Борјан Цанев , а пијанистот Дино Имери ќе го свири еден од најпопуларните концерти за клавир и оркестар од Чајковски, бр 1.
Вториот дел од програмата е посветен на „Римски фонтани“ од Респиги и „Ѓаволштините на Тил Ојленшпигел оп.28“ од Рихард Штраус. Вечерашниот концерт е распродаден.
В.д директорот на Филхармонијата Виктор Илиески и министерот за култура Роберт Алаѓозовски, денес ги прошетаа медиумите низ новиот објект каде финишираа подготовките за вечерашната свеченост.
Илиески повтори оти иако е познато дека дека салата беше свечено отворена на 21 мај, тоа , како што рече, повеќе наликуваше на парада за сликање, а објектот не беше завршен,и затоа тој како директор ја превезема одговорноста за доцнењето на новата концертна сезона која требаше порано да почне.
За свеченото отворање беа во функција само два тоалета за гостите, два тоалета за музичарите и неколку гардероби. Објектот целиот не е во функција, на малата сала уште се работи, а во неделата за момент беа тргнати скелињата во меѓупросторите.
Според Алаѓозовски , долгот од 15 милиони евра на Министерството за култура кон австриската фирма „Штрабаг“ која ја градеше зградата ќе се плаќа етапно.
Идејното решение на новата зграда е на архитектот Виктор Михајлов, а пак ентериерот е на српскиот архитект Зоран Ѓорѓевиќ.
Има голема сала од 960 седишта плус седиштата на двата балкони, а пак малата сала има 312 седишта.
Малата сала е мултифинкционална, седиштата може да се склопат доколку сцената се користи за театарски или балетски претстави.
На приземјето има гардеробери за 1.000 гости, а на првиот спрат, за 200.
Влезовите и за малата и за големата сала се на првиот спрат, а може да се влезе и од вториот спрат.
За лицата со хендикеп има патека, како и лифтови.
Вработените во Филхармонијата велат дека во моментов поседуваат најмодерна опрема за снимање на концерти и албуми, која е сместена во студиото на приземјето.
Секоја група на музичари, дали се кларинети, флејти, имаат посебна соба за вежбање, а има и 10 индивидуални простории за проби.
Секоја соба има директен приклучок во студиото за потребите за снимање.
Билетарницата е на првиот спрат, од кај страната на Средното музичко училиште.
Преносот од вечерашното отворање ќе оди во живо на Македонската радио и телевизија.
Б.НЕСТОРОСКА