Одбраната на експремиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска од Апелациониот суд побара да му биде вратен пасошот на нивниот клиент бидејќи тој е лидер на најголемата опозициона партија и претставник на стотици илјади граѓани.
Груевски е обвинет од СЈО во случаите: ТНТ, Титаник, ТНТ и Насилство и шамари во Центар, а не дојде лично на денешната расправа во Апелација што е по негова жалба зашто на 27 септември, Кривичниот суд одби да му го врати назад пасошот што му беше одземен на 3 јули. Обвинетиот Груевски имаше побарано од судот да му биде вратена патната исправа, аргументирајќи дека дисциплинирано се однесувал два месеца, редовно таму се јавувал и се потпишувал, во законски утврдениот термин.
„Никола Груевски не покажал желба да бега, да се крие напротив тој постојано е присутен во државата.Тука не се работи за ограничување на правото на едно лице туку на стотици илјади граѓани кои се членови на оваа партија на која ова лице е лидер”, рече бранителот Боро Тасевски.
Одбраната на Груевски му даде пример на судот кога на сегашниот премиер Зоран Заев лани во мај му бил вратен пасошот и побара исто да постапат и во случајот на Груевски. Обвинетелите од СЈО побараа жалбата на одбраната да биде одбиена, бидејќи Груевски е обвинет за повеќе кривични дела и неговото отсуство ќе доведе до одложување на процесот.
„Обвинетиот повеќе пати го оправдува недоаѓањето на рочишта поради патувања во Малта и политички ангажман во Делчево и Пробиштип. Ни беше доставено и писмо дека треба да присуствува на состанок со Виктор Орбан за да дискутираат за политички прашања. Одењето на патувања ќе ги одложи процесите, рече обвинителката Лиле Стефанова.
Таа на примерот на одбраната за враќање на пасошот на Заев одговори дека на лидер на политичка партија во случајот „Кампања“ му беше изречена мерка притвор за да се обезбеди неговото присуство.
Апелациониот суд има рок од 48 часа да одговори по жалбата на Груевски за враќање на пасошот и укинување на мерката претпазливост.
А. АНТЕВСКА