На Борјан Ефтимов, еден од демонстрантите на кои им беше одредена мерка осумдневен домашен притвор од вчера му е одреден 30-дневен притвор, соопшти тој на неговата Фесбук страница.
Здружението „Протестирам„ за денеска нема најавено протест. Поради долгиот продолжен викенд за Велигден и Први мај најверојатно протестите ќе паузираат. Но, Борјан Ефтимов од дома им порачува на тие што останаа на слобода да излезат на улица „за да не бидете Вие следните кои што ќе трпат психичка тортура и ќе бидат угнетувани во лавиринтите на овој режим.“
Неговиот повик го поддржуваат пријателите и негодуваат дека додека “револуционерите“ паузираат, контрареволуционерите ќе апсат и ќе ставаат во притвори.
Здружението „Протестирам“ синоќа го објави Фејсбук статусот на Ефтомов во кој тој објаснува што му се случило:
„После кршењето на канцеларијата на претседателот бев повикан на полициски разговор на кој доброволно се пријавив и соработував со полицијата, односно сакав да го признаам делото. Товарен сум за учество во толпа што ќе стори кривично дело, и ми беше изречена мерка домашен притвор од 8 дена. Обвинителството поднесе жалба и бараше притвор во Шутка кој беше одбиен од страна на судијата. Денес (27.04.2016), ми стигна решение дека домашниот притвор се продолжува за 30 дена поради сомневање дека делото ќе биде повторено, иако протестите од 13.04.2016 се ненасилни. Имено, немам дадено исказ и обвинителство го избегнува тој процес затоа што ако ми го дозволи тоа и го признаам делото, нема да има основа за мерка притвор“, го сподели статусот на Ефтимов официјалната Фејсбук страница на здружението „Протестирам“.
Борјан е студент на Правниот факултет и како што вели се срами штостудира право „во земја во која студенти се тепани, уште од првата архибригада па до денес, и носителите на власта ги кршат сите закони, а истовремено за учество во толпа се изрекуваат енормни притвори, додека пак за криминалци ниту има казна, ниту има постапка или пак притвор, туку има само аболиција.“
„Со изречената мерка притвор за дело кое што не ми дозволуваат да го признаам ми го попречуваат процесот на образование. Да сакаа навистина да ме казнат за делото за кое што ме товарат ќе ми дадеа шанса да дадам изјава“, пишува студентот кому Судот му го продолжи домашниот притвор за 30 дена.