Дваесет и деветгодишниот Сајфуло Саипов од Тампа, Флорида, е идентификуван како лицето кое го извршило вчерашниот напад на Менхетн, каде што со камионет влета меѓу пешаци и велосипедисти, убивајќи осуммина. Уште најмалку 11 луѓе се повредени во нападот, што властите го истражуваат како терористички.
Саипов бил застрелан од полицајци, откако со камионетот удрил во друг автомобил. Викајќи „Господ е голем“, тој во рака држел нешто што личело на пиштол, но дополнително било утврдено дека е лажен. Тој бил превезен во болница на операција и полицијата соопшти дека се очекува да преживее.
„Ова се чини како уште еден напад на болна и пореметена личност. Властите детаљно го истражуваат случајот“, напиша претседателот Доналд Трамп на Твитер.
Како што објави Си-Ен-Ен, осомничениот имаат потекло од Узбекистан и во САД дошол во 2010 година. Негова последна адреса била на Флорида, но полицијата испитува и можни врски со Њу Џерси.
„Врз основа на информациите со кои располагаме, ова е терористички чин. Ова е кукавички терористички чин, чија цел беа невини цивили“, изјави градоначалникот на Њујорк, Бил де Бјасо.
Ова е прв напад со моторно возило во САД, откако ваков метод често беше користен од терористи во Европа во последно време, како во Ница, Лондон и Берлин.
Шест лица беа прогласени за мртви на самото место, а уште две починаа во болница. Од повредените, никој не е во животна опасност, изјави полицискиот командир Даниел Нигро.