Петмина пријатели од Аргентина се наоѓаат меѓу загинатите во терористичкиот напад во Њујорк, кога камионет влета во пешачка зона на Менхетн, убивајќи осум луѓе.
Министерството за надворешни работи на Аргентина ја потврди смртта на петтемина нејзини државјани. Тие биле дел од групата од десетмина луѓе, кои дошле во Њујорк за да прослават 30 години матура во едно средно училиште во Росарио. Сите биле на возраст од 48 и 49 години.
Еден од загинатите, Ариел Ерлих, кој бил сопственик на фирма за челик, финансиски го помогнал патувањето, за да им овозможи на двајца пријатели да дојдат со нив.
Тие пристигнале во градот неколку дена порано, а кобниот вторник го избрале за возење велосипеди долж реката Хадсон, кога се случил смртоносниот напад, што го извел 29-годишен Узбекистанец со престој на Флорида.
Генералниот конзул на Аргентина во Њујорк, Матео Естреме, изјави дека уште еден член на групата е повреден, но е надвор од животна опасност.
„Сите се скршени. Тие се во шок и не можат да поверуваат што се случи. Сега треба да сфатиме што понатаму“, изјави Естреме.
Полицијата соопшти дека во нападот загинала и една државјанка на Белгија.